Ниту еден од 30-те номинирани за годинава досега не ја освоил престижната награда на францускиот магазин „Франс фудбал“, која се доделува од 1956 година, а од годинава во соработка со УЕФА. Досега се одржани 67 избора, а „златната топка“ ја добиле вкупно 45 фудбалери. „Златната топка“ за фудбалерки се доделува од 2018-та, а годинава се номинирани три од четирите досегашни победнички. Вкупно има девет награди, седум индивидуални и две за клубови
Престижната награда „златна топка“ за најдобар фудбалер на годината ќе има нов освојувач, откако ниту еден од 30-те номинирани за годинава досега не го добил признанието на францускиот магазин „Франс фудбал“, кое се доделува од 1956 година. „Франс фудбал“ и Европската фудбалска унија (УЕФА) од годинава заеднички го организираат изборот на најдобрите во една година.
Досега се одржани 67 избора (наградата не беше доделена само во 2020 година, за време на пандемијата на коронавирусот), а „златната топка“ ја добиле вкупно 45 фудбалери. Најуспешен е Лионел Меси (Аргентина) со осум победи, пет има Кристијано Роналдо (Португалија), по трипати трофејот го добија Мишел Платини (Франција), Јохан Кројф и Марко ван Бастен (двајцата од Холандија), петмина го освоија признанието по двапати, а уште 35 фудбалери по еднаш.
Меѓу номинираните 30 за годинава се, на пример, шестмина од европскиот првак Шпанија (Дани Карвахал од Реал Мадрид, Алекс Грималдо од Баер, Дани Олмо од Лајпциг, Нико Вилијамс од Атлетик, Родри од Манчестер сити и Ламин Јамал од Барселона), потоа вкупно шест од клупскиот европски шампион Реал Мадрид (покрај Карвахал уште и Винисиус Жуниор од Бразил, Џуд Белингем од Англија, Тони Крос и Антонио Ридигер од Германија и Федерико Валверде од Уругвај), двајца од победникот на првенството на Јужна Америка, Аргентина (Емилијано Мартинез од Астон вила и Лаутаро Мартинез од Интер)…
„Златната топка“ за фудбалерки се доделува од 2018 година, а годинава на листата со 30 номинирани се три од четирите досегашни победнички, Ада Хегерберг од Норвешка (победи во 2018 година, сега е членка на Лион), Алексиа Путејас од Шпанија (2021 и 2022 година, Барселона) и Аитана Бонмати од Шпанија (2023 година, Барселона). Од Шпанија, светски шампион од 2023 година и победник на Лигата на нациите за годинава, номинирани за трофејот се и Мариона Калдентеј, Патрициа Гихаро и Салма Парајуело, сите од Барселона, која е европски клупски првак, а за која од кандидатките за признанието во минатата сезона настапуваа и Ева Пајор од Полска, Каролине Греам Хансен од Норвешка и Луси Бронз од Англија.
За 2024 година ќе бидат доделени вкупно девет награди. На листата се „златна топка“ за мажи и за жени, трофеј „Копа“ (за најдобар фудбалер до 21 година), трофеј „Јашин“ (за најдобар голман), трофеј „Герд Милер“ (за најдобар стрелец во претходната сезона), признание за клуб на годината за мажи и за жени, како и два нови пехара од годинава, за најдобри тренери во клуб за мажи и за жени, пишува УЕФА. Наградите треба да бидат доделени на 28 октомври во Париз. Н.М.