Прва победа забележа искусниот Роберт Велески, додека половина поен освои Стојан Велкоски
ШАХ – 23. ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО
Македонскиот шахист Антон Златков (2.174 рејтинг-поени, рангиран 360-ти на ЕП) ја впиша и втората победа во низа во третото коло на 23. Европско поединечно првенство (ЕП) во шах во Врњачка Бања (Србија), меѓу 484 шахисти (40 шахистки), од кои 126 велемајстори (ВМ). Златков (16) со бели фигури го победи младиот 14-годишен руски интернационален мајстор (ИМ) Сава Ветохин (2.388, рангиран 217-ти), кој има 214 поени повисок рејтинг. Прва победа забележа искусниот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Роберт Велески (2.106, рангиран 393-ти), против Србинката Ана Тадиќ (1.817, рангирана 466-та). Половина поен голем како планина освои 18-годишниот Стојан Велкоски (1.868, рангиран 445-ти), против ИМ од Ирска, Дејвид Фитсимонс (2.338, рангиран 258.), кој има 470 поени поголем рејтинг. Давид Николовски (1.860, рангиран 458.) и Дино Табаковски (1.692, рангиран 477.) ги доживеаја и третите порази. Првиот од Ирецот Хектор Џакомини (2.121, 283-ти), а вториот од ЖФМ од Србија Милена Вујчиќ (2.072, 406-та). По три кола, Златков е 164-ти со два поена (плус 28,8 р.п.), Велкоски е 285-ти со 1,5 поен (плус 51,6 р.п.), Велески има еден поен и е 386-ти, Табаковски 453-ти, а Николовски 464-ти, и двајцата без освоен поен.
Во ова коло на првите 10 табли беа видени девет ремија, а десетмина со рејтинг над 2.600 загубија од шахисти со рејтинг помал од тој. На врвот 11 шахисти имаат по максимални три победи, предводени од натурализираниот Чех, Дан ван Нигуен (2.651, 22.). Но се случија и неколку изненадувања, од кои за обележување меѓу другите се победите на Босанецот Денис Кадриќ (2,583, 56-ти) против Французинот Жул Мусар (2.685, четврти), на Србинот Александар Ковачeвиќ (2.489, 122.) против Полјакот Радослав Војташек (2.682, седми), како и ремито на Русинката Александра Горјачкина (2.576, 62.), против сонародникот Алексеј Сарана (2.668, 11-ти). Прворангираниот Габриел Саргисјан (2.699) од Ерменија ремизира со Русинот Давид Паравјан (2.584, 55-ти). Г.И.