ШАХ – СП 2025 ЗА ЈУНИОРИ

Две победи и еден пораз е епилогот на тројцата македонски претставници во деветтото коло на Светското првенство (СП) за шахисти до 20 години во Петровац (Црна Гора). Евидентен напредок оствари ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Антон Златков (2.321, рангиран 80. пред почетокот на турнирот), кој освои цел поен против израелскиот ФМ Јувал Јанив (2.415, рангиран на 41-то место). Победа оствари и Мајкл Бурнс (1.983, рангиран 132.), кој со бели фигури победи на дуелот со Иван Кејф (2.066, рангиран 117.) од Велс. Пораз претрпе шахистката Инџи Ајрадиноска (1.767, рангирана 93.), која со црни фигури загуби од Колумбијката Перес Гисел Моралес (1.902, рангирана на 86-то место).
По ова коло, Златков во мошне силна конкуренција на 157 шахисти од 58 држави (12 ВМ, 37 ИМ, 44 ФМ), од 38-то место се искачи на 24-то со шест поени (пет победи, две ремија и два пораза), односно напредуваше 56 места од почетното рангирање, Бурнс е на 125-то место со 3,5 поени, а кај шахистките, помеѓу 98 шахистки од 49 држави (седум ЖВМ, 24 ИМ, 13 ЖИМ, две ЖФМ и 33 ЖФМ), Ајрадиноска е на 92-то место со 2,5 поена.
Кај шахистите во водство и понатаму е првиот фаворит, Индиецот Пранав (рејтинг 2.615), со осум поени, а меѓу шахистките на досега водечките ЖФМ од Русија Марија Јакимова (2.201, рангирана 31.) и ЖИМ од Украина Јелисавета Хребеншчикова (2.259, рангирана 18.) им се приклучи и ЖИМ од Русија Ана Шухман (2.365, рангирана петта), сите со по седум поени. Г.И