Антон Златков

ШАХ – СП 2025 ЗА ЈУНИОРИ

Македонскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Антон Златков (2.321, рангиран 80-ти пред почетокот на турнирот) врза три победи во низа, откако славеше во четвртото и во петтото коло на Светското првенство (СП) во шах за јуниори (до 20 години) во Петровац (Црна Гора). Прво со бели фигури победи на дуелот со Мохамед Саед (2.044, рангиран 82.) од ОАЕ, а потоа со црни фигури го совлада Герент Јан Ли (1.784, рангиран 141.) од Хонгконг. Вториот македонски претставник Мајкл Бурнс (1.983, рангиран 132.) со бели фигури ремизира во четвртото коло со Шпанецот Ернест Хункоса (2.251, рангиран 95-ти), а потоа загуби со црни фигури од Саед.
Во женска конкуренција, единствената Македонка на СП 2025, Инџи Ајрадиноска (1.767, рангирана 93-та) загуби во двете кола, прво со бели фигури од Мила Раденковиќ (2.027, рангирана 57.) од Србија, а потоа од ЖИМ Јоу, Роману (2.025, рангирана 59-та) од Египет играјќи со црни фигури.
По пет кола, од предвидените 11, Златков во конкуренција на 157 шахисти од 58 држави (12 ВМ, 37 ИМ, 44 ФМ) е 63-ти со три поени, а Бурнс е 140-ти со еден поен. Помеѓу 98 шахистки од 49 држави (седум ЖВМ, 24 ИМ, 13 ЖИМ, две ЖФМ и 33 ЖФМ) Ајрадиноска е на 89-то место со еден поен. Во мошне силна конкуренција, кај момчињата во водство се четворица, а кај девојчињата три шахистки, сите со по 4,5 поени. Г.И.