Тројцата македонски претставници на СП 2025, Златков, Бурнс и Ајрадиноска се пласираа повисоко од почетното рангирање и освоија нови рејтинг-поени
ШАХ
Македонскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Антон Златков (рејтинг 2.321) постигна забележителен успех на Светското првенство (СП) за шахисти до 20 години во Петровац (Црна Гора), освојувајќи го 35-то место, односно 45 места подобропласиран од стартниот број (беше рангиран 80-ти пред почетокот на СП). Тој на турнирот освои 6,5 поени (пет победи, три ремија и три порази) и 1,4 рејтинг-поен, остварувајќи играчки перформанс од 2.307 рејтинг-поени.
Вториот македонски претставник во машка конкуренција, Мајкл Бурнс (1.983, рангиран 132) го освои 120-то место со 4,5 поени (по три победи и ремија и пет порази), односно 12 места подобар пласман од почетниот, нови 9,2 рејтинг-поени со играчки перформанс од 2.024 рејтинг-поени. Единствената македонска шахистка на ова СП 2025, Инџи Ајрадиноска (1.767, рангирана 93-та) го освои 88-то место со четири поени (три победи, две ремија и шест порази), односно пет места подобар пласман од почетното рангирање. Притоа таа освои нови 16 рејтинг-поени со играчки перформанс од 1.842 рејтинг-поени.
Во мошне силна конкуренција на 157 шахисти од 58 држави (12 ВМ, 37 ИМ, 44 ФМ), нов европски шампион е ВМ од Индија, Пранав (2.615, рангиран втор) со девет поени. Кај шахистките, помеѓу 98 учеснички од 49 држави (седум ЖВМ, 24 ИМ, 13 ЖИМ, две ЖФМ и 33 ЖФМ), светска првенка е ЖИМ од Русија, Ана Шухман (2.365, рангирана петта), исто така со девет поени. Г.И.