- Рекорден број спортисти ќе се натпреваруваат на Игрите во Италија, а ќе има и рекорден број земји, од кои пет дебитанти. ЗПОИ 2026, според програмата, синоќа требаше да бидат свечено отворени во „Арена ди Верона“
Зимските параолимписки игри (ЗПОИ) во Милано и во Кортина д`Ампецо се најголемите во историјата со најмногу национални параолимписки комитети (НПК) и спортисти што ќе се натпреваруваат. Додека ЗПОИ слават посебна пресвртница со својата 50-годишнина, историјата ќе биде напишана кога 612 спортисти од 56 НПК ќе се натпреваруваат во 79 натпревари за медали во шест спорта. Претходниот рекорд беше 564 спортисти од 49 делегации во Пјонгчанг во 2018 година, а кога ЗПОИ почнаа во Орнсколдсвик (Шведска) во 1976 година, имаше 198 спортисти од 16 земји, пишува Интернационалниот параолимписки комитет (ИПОК).
Меѓу 56-те земји на овие Игри ќе бидат и пет дебитанти. Салвадор ќе има двајца спортисти во паракрос-кантри скијање, Давид Чавез и Џонатан Ариас, Хаити и Македонија ќе го имаат своето деби на ЗПОИ во параалпско скијање благодарение на Ралф Етјен и Зоран Јовановски, Црногорецот Андреј Сибалиќ и Португалецот Диого Кармона ќе се натпреваруваат во парасноуборд, обезбедувајќи претставување на своите земји првпат на ЗПОИ, пишува ИПОК. Спортистите од Салвадор, Хаити, Црна Гора и од Македонија имаа корист од финансиската поддршка од програмата „Спорт за мобилност“ на Интернационалниот параолимписки комитет во текот на претходните 12 месеци за да се пласираат за Игрите, а вкупно 39 спортисти и четири водичи од 23 земји на Игрите добија поддршка за спортски развој преку „Спорт за мобилност“ и други програми за спортски развој за ЗПОИ 2026 година, пишува ИПОК.
На четврти ЗПОИ по ред ќе се натпреваруваат рекорден број жени, вкупно 160 во сите шест спорта, што е зголемување за 18 отсто во однос на претходниот рекорд од 136 жени поставен на ЗПОИ во Пекинг во 2022 година. Шест земји, исто така, ќе имаат рекорден број натпреварувачки за ЗПОИ, и тоа Австралија (пет), Белорусија (три), Бразил (три), Хрватска (две), Кореја (шест), Летонија (четири). Кина, која првпат се искачи на врвот на табелата со медали на ЗПОИ 2022, има најголема делегација, со 70 спортисти, по што се САД со 68 и Канада со 46. Домаќинот Италија има тим од 42 спортисти. Седум други земји ќе ги испратат своите најголеми делегации досега на ЗПОИ, Бразил (осум спортисти), Чешка (24), Италија (42), Казахстан (седум), Летонија (седум), Словачка (28) и Украина (25)…
– Бројот на рекорди што ги поставуваат ЗПОИ 2026 во однос на спортистите и делегации е доказ за фантастичната работа на НПК и на меѓународните федерации во пресрет на Игрите. Се зголеми бројот на натпреварувачи, се зголеми и интензитетот на натпреварувањето, при што секој медал сега се гордее со длабочина на талент што никогаш порано не била видена на такво ниво на ЗПОИ. Во сите шест спорта, ние сме подготвени да бидеме сведоци на неверојатни и историски настапи. Но Игрите се повеќе од само доживување на неверојатен спорт. Нивната моќ е во способноста да ги променат и ставовите кон лицата со попреченост. Токму оваа единствена моќ ги прави Параолимписките игри толку трансформативни – изјави Колин Рен, извршна директорка на ИПОК на ЗПОИ, пренесе ИПОК.
ЗПОИ 2026, според програмата, синоќа требаше да бидат свечено отворени во „Арена ди Верона“. Цените на влезниците за Игрите чинат 10 евра за деца под 14 години, при што приближно 89 отсто од влезниците се достапни за 35 евра или помалку, пишува ИПОК. Г.И.
































