ИНТЕРВЈУ – НЕМАЊА МЛАДЕНОВИЌ, ОСВОЈУВАЧ НА СРЕБРЕНИОТ МЕДАЛ НА ЕП 2026 ЗА КАДЕТИ И МЛАДИНЦИ
- Младеновиќ, кој може да се пофали со пет титули првак на Македонија, бронзен медал на Балканско првенство и сребрен медал на Европско првенство, како и осмо место на светската ранг-листа за кадети (над 70 кг), само продолжи таму каде што некогаш со голем успех настапуваа за клубот од Автокоманда, за Македонија, и освојуваа европски медали Иво Цветковски, Мартин Несторовски, Огнен Груевски и многу други познати карате-имиња, предводен од истакнатиот тренер Мирче Јанушевски
Блесна на Европското првенство (ЕП) за младинци неодамна во кипарскиот град Лимасол. Младиот и талентиран член на КК Металург и македонски репрезентативец Немања Младеновиќ, во возрасната категорија кадети, постигна огромен успех, освојувајќи сребрен медал. Момчето, кое настапи во тежинската категорија над 70 кг, храбро и без респект кон никого со одлична техника на татамите оствари четири победи во низа, елиминирајќи ги ривалите од Ирска, Чешка, Грција и од Словачка, а за златото недостигаше само уште завршниот чекор. Во големото финале загуби од претставник на Грузија. Младеновиќ, кој може да се пофали со пет титули првак на Македонија, бронзен медал на Балканско првенство и сребрен медал на Европско првенство, како и осмо место на светската ранг-листа за кадети (над 70 кг), само продолжи таму каде што некогаш со голем успех настапуваа за клубот од Автокоманда, за Македонија, и освојуваа европски медали Иво Цветковски, Мартин Несторовски, Огнен Груевски и многу други познати карате-имиња, предводен од истакнатиот тренер Мирче Јанушевски. Младеновиќ со овој успех уште еднаш покажа како треба да се бранат боите на Македонија и трофејниот матичен клуб Металург.
Што претставува за Вас сребрениот медал во кадетска конкуренција освоен на Европското првенство во Лимасол и дали се надевавте пред почетокот дека ќе стигнете до еден од медалите?
– Овој медал е само почеток на мојата спортска кариера, во која ќе бидат освоени уште многу европски и светски медали. Со големи очекувања влегов на татамите, бидејќи многу бев подготвен физички и психички и на крајот успеав. Во моментот на церемонијата на предавањето на медалите, секако преовладуваа многу емоции во мене. Бев среќен поради медалот, но лебдеше и мислата дека сум можел да го освојам и златниот медал. Медалот го прославивме во клубот, така што тренерите ми организираа забава со сите членови на мојот клуб Металург. Ме дочекаа како голем шампион во едно големо карате-семејство.
Против кого беше најтешко додека се боревте?
– Најтешка борба ми беше полуфиналната, во која се сретнав со Словакот Рихард Митрик, кој е прв на светската ранг-листа и го победив со 3-1.
Која е Вашата следна цел и желба на татамите?
– Мојата следна цел е годинава да освојам медал на Младинската карате-лига во Пореч, во Хрватска, и на Светското првенство во октомври во Полска.
Кој беше главниот виновник за да почнете да тренирате карате?
– Почнав со каратето од мал, кога имав четири години, во КК Кеикс од Бутел, а виновник беше мојата мајка, која е поранешна каратистка. Нејзина беше идејата да нѐ запише мене и брат ми да го тренираме овој динамичен спорт.
Колку сте задоволни од условите во КК Металург и колку неговите тренери Ви помогнаа во темпирањето на формата за ова ЕП?
– Од мојот клуб Металург сум многу задоволен, тренерите Мирче Јанушевски, Амир Беговиќ, Огнен Груевски и Румена Беговиќ се максимално посветени еднакво на сите деца што тренираат и секогаш се трудат од сите нас да направат идни карате-шампиони.
Која е Вашата животна цел во каратето?
– Моја животна цел е да станам светски шампион и да бидам прогласен за најдобар каратист во мојата категорија.
Што би им препорачале на младите што сакаат да тренираат карате?
– Да почнат со каратето додека не е доцна, бидејќи е добро за нивното здравје, потоа стекнуваат многу пријателства и е многу забавно.
Како го минувате слободното време, имате ли некое хоби и дали практикувате некој ритуал пред да стапнете на татамите?
– Слободното време го користам за учење или во фитнес-сала, тренинг или дома, а ритуал пред секоја борба ми е да се прекрстам.
Која е формулата да се стане квалитетен каратист?
– Според мене, формула за квалитетен каратист е да бидеш упорен, силен, храбар, редовно да тренираш, да поседуваш физичка и психичка подготвеност. И, секако, да има кој да те бодри и да ги дели со тебе и победите и поразите.

































