Скопските кошаркарски ривали Вардар и Работнички во своите редови ги имаа само овие два центра над две метра. Лазов имаше импресивна кариера и како спортски функционер
Драгољуб Лазов (2)
Кошарката во Македонија стана популарна веднаш по Втората светска војна, а нејзиниот евидентен напредок беше на почетокот од 50-тите години. Во тој период во двете спортски друштва во Скопје, Вардар и Работнички, покрај другите клубови почнаа да функционираат и кошаркарските. Во Работнички за тренерската работа беше задолжен Стефан Тодороски-Цефи, а во Вардар Драгољуб Лазиќ. Двајцата беа големи педагози, кои знаеја да ги анимираат младите вљубеници во кошаркарскиот спорт и практично тие беа главните „виновници“ што се роди големиот ривалитет помеѓу двата клуба. Тогаш се одвиваше и една голема трка помеѓу Вардар и Работнички, кој од двата клуба во своите редови да ги донесе највисоките скопјанчиња. Така, во таа трка Работнички го доби двометрашот Драгољуб Лазов, а Вардар стана кошаркарски дом на уште еден двометраш, Душко Мартиновски. Откако тие сериозно навлегоа во спортот, нивните дуели носеа голема возбуда и од нив двајца често зависеше каков ќе биде конечниот исход.
Минатиот понеделник пишував за покојниот Лазов, како дојде во кошарката, а бидејќи имав снимено емисија со него, искористив фрагменти од тој разговор за посликовито да го прикажам периодот кога практично кошарката во Македонија почна да се издигнува на едно повисоко квалитетно ниво. Па, и овој пат, ќе продолжам со евоцирање спомени од неговото време, зашто кажувањата се интересни и имаат историско значење.
Надвор пријатели, на теренот лути противници
Самиот факт што помеѓу Вардар и Работнички во сите спортови имаше голем ривалитет, тој се пренесуваше и на поединците што ги бранеа боите на едниот или на другиот клуб. Така „потпалени“ од навивачите се разгоруваше борбата и на кошаркарскиот терен, а во неа централно место имаа дуелите помеѓу Дражо и Душко, единствените двометраши во двата состава.
– Беше навистина тешко да се игра против Дуле. Јас бев физички посилен, но малку потромав во движењата, а Дуле беше слабичок. Дури за него знаевме на шега да кажеме оти е како „чачкалица“. Меѓутоа, недостигот од мускулната маса тој го дополнуваше со подвижноста и со брзата реакција. Токму таа различност помеѓу нас двајца правеше дуелите да бидат интересни, а гледачите секогаш беа во исчекување да видат, особено кога бевме во рекетот, под кошот, кој ќе го добие дуелот. Некогаш токму нашите дуели го решаваа победникот. Голема улога за конечниот исход, повеќе од психолошки аспект, имаше и фактот на чиј терен се игра. Инаку, двата клуба имаа свои поплочени игралишта, ние покрај фудбалскиот терен на Работнички, каде што подоцна се изгради салата, а Вардар на помошното фудбалско игралиште, кај некогашните билетарници за фудбалските натпревари. Со Дуле бевме големи противници на теренот. И двајцата сакавме да ги задоволиме своите симпатизери, па често тие дуели се претвораа во жестоки пресметки. Но, потоа, откако ќе завршеше натпреварот, повторно се дружевме како претходно ништо да не се случило. Едноставно, тој што ќе загубеше се правеше како да му е сеедно, иако во душата секој носеше тежина поради поразот. Но да го заборавиме сето тоа, значајно е оти бевме интересни за гледачите, а тоа ни беше и целта. Инаку, во приватниот живот бевме големи другари, па, така, кога некој ќе нѐ забележеше како заедно шетаме низ градот, ќе помислеше „види ги овие, пред некој ден ќе се испотепаа на теренот, а сега се однесуваат како ништо да не се случило“ – велеше во емисијата посветена на Македонските спортски легенди, снимена пред 10 години, Драгољуб Лазов.
Како се создаде модерниот Работнички
КК Работнички во првата половина од 60-тите години доби нова физиономија. Тогаш на чело на клубот беше генералот Тихомир Шаревски, брат на познатиот атлетичар, тренер и професор Чедо Шаревски. Чувствувајќи оти претседателската позиција во кошаркарскиот клуб ќе му одземе многу време, Шаревски му предложил на Дражо Лазов, кој штотуку го заврши Правниот факултет, да дојде на позицијата потпретседател на КК Работнички.
– Јас многу не се двоумев, зашто кошарката ми го исполнуваше животот, а обврските кон учењето и факултетот веќе беа завршени, па сметав оти ќе имам време да се ангажирам во кошарката. На крајот на краиштата, ако таа ми претставуваше товар ќе можев во секое време да се повлечам. Но, за среќа, тоа не се случи и јас и понатаму живеев со спортот од младоста и другарував со истите луѓе со кои ги делевме и добрите, но и лошите спортски моменти. Прифатив и станав потпретседател, а истовремено моето потпретседателско место во КК Работнички се совпадна и со организацијата на Балканскиот кошаркарски шампионат во Скопје во 1962 година. Тоа уште повеќе ме мотивираше, па откако се простив од активното играње, сите сили ги вложив за што побрз напредок на македонската кошарка и нејзиното доближување до југословенскиот квалитет. За среќа, тоа се оствари, а клучен момент беше ангажирањето на Лазар Лечиќ, како тренер, прво на младинскиот, а потоа и на сениорскиот тим на Работнички. Тој штотуку се врати од студии во Белград, и тоа во класата на познатиот професор и тренер д-р Аца Николиќ. Уште при првата средба со професорот во Скопје, каде што тој требаше да ја води нашата репрезентација на Балканијадата, ми рече „не го заборавајте Лечиќ, има нешто кај тоа момче. Тоа го видов уште за време студиите, мислам оти има квалитети кај него и верувам дека може да стане голем тренер“ – вели тој.
Веќе за никој не постоеше дилемата дали Лазо треба да биде ангажиран или не за тренер во Работнички. Во почетокот тој ја презеде младинската екипа, а неколку месеци подоцна зачекори и во сениорскиот тим.
– Професорот Николиќ имаше добра процена, Лазо потоа му стана помошник на Цефи. Откако основоположникот на кошарката во Македонија, Стефан Тодоровски-Цефи, почувствува оти е време да се повлече, џентлменски му го отстапи своето место на својот поранешен ученик во Средното фискултурно училиште. Тоа се случи некаде во 1964 година, кога всушност Лечиќ со своите револуционерни потези почна да го создава модерниот Работнички, кој потоа стана еден од најсилните југословенски тимови, со многу специфики и иновации во играта – раскажуваше сеќавајќи се на тоа време покојниот Дражо Лазов.
Дражо – алфа и омега во кошарката и пошироко…
Со потегот што го изведе Драгољуб Лазов во тоа време, кога веќе заплива и во новинарските води во „Нова Македонија“, тој придонесе на површина да избие еден врвен тренер, кој потоа стана вистински македонски кошаркарски маг, Лазар Лечиќ.
– Јас се гордеев со Лазо, иако имаше моменти кога за некои прашања во кошарката жолчно расправавме. Но мора да потенцирам оти сето тоа го правевме со добра намера и со желба да ја издигнеме кошарката на повисоко ниво. Тоа и се случи во годините што доаѓаа – носталгично се сеќаваше на тоа време Дражо.
За жал, откако и Лечиќ неодамна замина во вечноста, дури сега се чувствува колкава е празнината. Но животот е таков, никогаш не можеш да предвидиш кога и што ќе се случи. Во секој случај, двете легенди, Дражо и Лазо, вечно ќе останат во нашите сеќавања.
Да ја продолжам приказната за Дражо и да ги апострофирам неговите ангажмани во спортот и во професионалниот живот. Во спортот Дражо има непроценливо место, зашто покрај претседателските функции во ККР и во КСМ, беше член на Управниот одбор на КСЈ, и тоа во периодот кога југословенската кошарка постигнуваше врвни резултати, а во 1970 година во Љубљана, кога во стручниот штаб на селекторот Ранко Жеравица централно место имаше токму Лазар Лечиќ, стана и светски првак.
Драгољуб Лазов беше еден од првите што веднаш ја прифати иницијативата за формирање на Македонскиот олимписки комитет, во кој стана еден од неговите потпретседатели. Тој беше и шеф на македонската делегација на Олимпијадата во Сиднеј во 2000 година. На професионален план тој го напушти новинарството и стана директор на Македонска лотарија, каде што, исто така, вложуваше големи напори, дел од остварените средства од игрите на среќа и спортската прогноза да одат во спортот.
Нема сомнение оти Драгољуб Лазов има посебно место во спортското живеење во Македонија и тој беше еден од легендарните кошаркари. Истовремено, својот животен опус го заокружи и како функционер, кој не се штедеше и секогаш наоѓаше време да се ангажира и да помогне секаде каде што имаше можност, не само во кошарката. Тој, заедно со Васил Тупурковски и со Владимир Богоевски, беше од оние наши најекспонирани личности, кој со непосредната комуникација со поранешниот претседател на ИОК, баронот Хуан Антонио Самаранч, придонесе да се зацврстат врските на МОК со ИОК и Македонија да си го најде своето вистинско место во меѓународното олимписко движење.