За овој спорт немав голем интерес за професионален развој сѐ до 13-годишна возраст. Но кога се префрлив во клубот Тигри на 13 години, почнав посериозно да тренирам и да победувам на меѓународни натпревари, па така, ми се роди желбата и го засакав овој спорт, кој сега е дел од мене, а без тренинг речиси и да не можам да замислам ниту еден ден од мојот живот, вели Рељиќ

ИНТЕРВЈУ: МИЛИЈАНА РЕЉИЌ, ТАЕКВОНДИСТКА, НАЈУСПЕШНА СПОРТИСТКА НА МАКЕДОНИЈА ЗА 2024 ГОДИНА

Храбра, борбена, истрајна, мотивирана, со одредени техники доведени речиси до совршенство, кондициски секогаш подготвена и, што е најзначајно, зрелост за совладување тешки моменти, а сѐ со една цел – да ја победи противничката и да се искачи на славеничкиот пиедестал. Таеквондистката Милијана Рељиќ (21), членка на скопскиот клуб Тигри и репрезентативка на Македонија, долго ќе ја памети изминатата 2024 година. Покрај мноштвото освоени медали и успешни настапи, студентката на Економскиот факултет (ФОН), која беше дел и од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз 2024 година, доби и две големи признанија. Беше прогласена за спортистка на Македонија, а на четвртата едиција на настанот „Златна Олимпија 2024“, посветен на највлијателните и најуспешни жени во спортот, и за најуспешна спортистка.
А доказите за нејзините успеси се на татамите, кои ги потврдуваат овие признанија и добиени статуетки. Рељиќ стигна до четврт-финалето на ЛОИ во Париз 2024 година, победувајќи ја во првото коло светската шампионка, Британката Џејд Џонс. Во 2022 и 2024 година стана европска клупска шампионка, а во 2023 година освои бронзен медал. Бронза ја красеше на подиумот и на Европското првенство (ЕП) за натпреварувачки до 21 година. Беше петта на Европските игри (ЕИ) во Краков 2023 година и на ЕП за сениори во Белград 2024, а деветта на Светското првенство (СП) во Мексико во 2022 година. Во нејзината колекција на медали има мноштво златни, сребрени и бронзени медали освоени на престижните Г1-турнири во Естонија, Израел, Шведска, Романија, Турција, Албанија, Бугарија, Србија, Хрватска, Црна Гора… Таа е повеќекратна шампионка на Македонија и стандардна репрезентативка.

Какво е чувството да се биде спортистка на Македонија, да се добие наградата „Златна Олимпија“ и дали ги очекувавте овие две големи признаниja?
– Добиените награди се одлична сатисфакција за тоа што сме постигнале досега со мојот тренер и, секако, многу голем мотив за во иднина. Искрено, ги очекував овие награди и сакав да ги освојам зашто многу ми значат.
Што претставува за еден спортист да биде дел од едни Олимписки игри?
– Тоа е најголемата желба и сон на еден спортист. За тоа спортистите живеат, макотрпно тренираат и се лишени од многу задоволства во животот, водејќи се од сонот и желбата за настап на Олимписки игри.
Кој беше главниот виновник да почнете да тренирате таеквондо и на колку години се случи тоа?
– Со таеквондо почнав да се занимавам на седумгодишна возраст. Мајка ми сакаше да нѐ запише мене, брат ми и сестра ми на некој спорт, само за да излеземе од дома и нешто да тренираме. Во мојата населба имаше само таеквондо-клуб и игроорна секција. За овој спорт немав голем интерес за професионален развој сѐ до 13-годишна возраст. Но кога се префрлив во клубот Тигри на 13 години, почнав посериозно да тренирам и да победувам на меѓународни натпревари, па така, ми се роди желбата и го засакав овој спорт, кој сега е дел од мене, а без тренинг речиси и да не можам да замислам ниту еден ден од мојот живот.
Колку е напорно да се тренира таеквондо и зошто се одлучивте за него?
– Бара извонредна физичка подготовка и многу е напорно. А изборот не беше мој, туку на моите родители.
Кој беше Ваш идол во таеквондото?
– Идол ми беше токму Џејд Џонс, која ја победив на Олимписките игри во Париз. Таа е најуспешна таеквондистка.
Колку внимание му посветувате дневно на таеквондото, во што се состојат тренинзите и дали се тие многу напорни?
– Дневно имам по два тренинга. Првиот тренинг е кондиционен и за фитнес-подготовка, а навечер е таеквондо-тренингот, кога ги вежбаме ударите и правиме спаринг-дуели.
Кој сѐ е најзаслужен за Вашиот досегашен напредок во овој мошне атрактивен спорт?
– На прво место според заслугите е мојот тренер Александар Ефтимов, кој силно веруваше дека можеме да успееме. Тој е многу упорен, интелигентен и знае да направи тренинзи и тактики за борби за да ги победам и најдобрите противнички. А, секако, тука е и моето семејство, кое многу ме поддржува.
Ваша крајна желба во таеквондото?
– Желба ми е да освојам златен медал на Олимписки игри.
Што би им препорачале на младите девојчиња што сакаат да тргнат по Вашите стапки и да тренираат таеквондо?
– Дефинитивно да се запишат и да тренираат во скопскиот таеквондо-клуб Тигри, каде што сигурно ќе направат одлична кариера и ќе освојат многу медали.
Како го минувате времето кога не сте на татамите и во салата за тренинг?
– Знам со другарките да излезам на кафе, а тука секако се и обврските на факултетот, кои бараат време за подготовка на испитите.
Имате ли некој посебен ритуал пред секој настап?
– Добро да се одморам.