И ШФМ има во план да направи една голема симултанка на отворено, на 100 табли, и со тоа достоинствено да го одбележиме овој голем јубилеј, вели членот на УО на ШФМ, Зоран Стојчевски
Годинава ќе биде значајна за светскиот шах оти Светската шаховска федерација (ФИДЕ) го слави својот 100-ти роденден, па ќе биде исполнета со активности во светот, од фестивали и историски изложби, до специјални натпревари. Се оствари и она што се најави пред неколку дена, промоцијата на шаховскиот факел. Церемонијата во Њу Делхи почна со детски турнир, а шаховските легенди, Индиецот Вишванатан Ананд и Унгарката Јудит Полгар, ги направија првите потези. Санџај Капур, претседател на Шаховската федерација на Индија, ги пречека гостите со волшебна видеопрезентација за 100-те години постоење на ФИДЕ и за активностите за годинава. Потоа, се одигра шаховска партија наречена „рака и ум“, играа индискиот министер за спорт, Анураг Синг Такур, и Ананд против претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович, и Полгар, која заврши со пријателско реми.
– Мое цврсто верување и наша заедничка визија во ФИДЕ е дека шахот не е само игра или спорт туку е и огроменa алатка за подобрување на нашето општество – рече Дворкович.
Врв на церемонијата беше палењето на огнот од Такур и Дворкович, симболизирајќи го притоа официјалниот почеток на шаховската штафета, која има цел да ја обедини шаховската заедница низ светот. Факелот ќе го обиколи светот за да стигне во Будимпешта (Унгарија), во септември, каде што ќе се одржи 45-та Шаховска олимпијада.
– И Шаховската федерација на Македонија, секако, ќе се вклучи во ова одбележувањето на ФИДЕ со промовирање свој шаховски проект или шаховска манифестација, кој не е задолжителен за секоја држава, туку за оние што ќе изразат интерес. Тој проект потоа ќе го испратиме до ФИДЕ. Ако тие го одобрат нашиот проект, односно го поддржат, тогаш може да очекуваме факелот да пристигне и кај нас. Но и ако не дојде, тогаш ние самите ќе направиме некаква симулација на таков сличен факел, со што ќе го одбележиме сето тоа. Шаховската федерација на Македонија има во план да направи една голема симултанка на отворено, на 100 табли, и со тоа достоинствено да го одбележиме овој голем јубилеј. Уште размислуваме дали симултанката ќе биде во мај или во октомври на плоштад во Скопје или во Куманово, која со 100-те табли ќе асоцира токму на 100-те години постоење на ФИДЕ – вели членот на Управниот одбор (УO) на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Зоран Стојчевски. Г.И.