СВЕТСКИ КУП
Најдобрите во скијачки скокови се подготвуваат за новогодишните турнеи, и тоа за 74. издание на Четирите скокалници во машка конкуренција и за третиот натпревар Две ноќи во женска конкуренција.
Првата станица за мажите е германскиот Оберсдорф, со утрешните квалификации, а натпреварот е в понеделник. Според распоредот, на 1 јануари е натпреварот во Гармиш Партенкирхен (Германија), а потоа турнејата се сели во Австрија, на 4 јануари во Инсбрук и на 6 јануари во Бишофсхофен. Кај жените прво е натпреварот во Гармиш Партенкирхен в среда, а потоа на 1 јануари во Оберсдорф.
Од идната сезона ќе се одржува новогодишна турнеја Четири скокалници и во женска конкуренција, информира Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Лански победници се актуелните шампиони во Светскиот куп, Даниел Чофениг (Австрија) и Ника Превц (Словенија), која победи на двете досегашни изданија на Две ноќи.
Финецот Јане Ахонен е најуспешен, со пет триумфа на Четирите скокалници (1999, 2003, 2005, 2006 и 2008 година), четири има Јенс Вајсфлог од Германија (1984, 1985, 1991 и 1996), а од актуелните скијачи скокачи по три победи имаат Полјакот Камил Стох (2017, 2018 и 2021) и Јапонецот Рјоју Кобајаши (2019, 2022 и 2024), а тие, пак, заедно со Свен Ханавалд од Германија се единствените што триумфирале на сите четири натпревари во иста сезона. Н.М.
РАСПОРЕД
Оберсдорф 29 декември, 16.30 ч., мажи
Гармиш Партенкирхен 31 декември, 13 ч., жени
Гармиш Партенкирхен 1 јануари, 14 ч., мажи
Оберсдорф 1 јануари, 16.15 ч., жени
Инсбрук 4 јануари, 13.30 ч., мажи
Бишофсхофен 6 јануари, 16.30 ч., мажи































