Од репрезентациите, Норвешка досега освои најмногу медали на ЗОИ, а од таа земја се и тројцата најуспешни, Бјреген, Бјорндален и Дели. Холанѓанката Вуст е четврта на таа листа, која на ЗОИ 2022 може да стане прва со индивидуални златни медали освоени на пет зимски или летни олимписки игри
Репрезентацијата на Норвешка и нејзини тројца скијачи, двајца во нордиско скијање и еден во биатлон, се најтрофејните во историјата на зимските олимписки игри (ЗОИ), кои се одржуваат од 1924 година, а в петок во Пекинг (Кина) почнуваат 24-те ЗОИ. Норвешка води на листата, со вкупно 132 златни медали, на кои додава и 125 сребрени и 111 бронзени од 23-те досегашни учества на зимските игри. На оваа листа потоа се САД, со 105 златни, 113 сребрени и 89 бронзени медали од 23 ЗОИ.
Марит Бјреген на минатите ЗОИ, во 2018 година, во Пјонгчанг (Јужна Кореја), постави нов рекорд според бројот на освоени медали на ЗОИ и сега таа има вкупно 15, од тоа осум златни, четири сребрени и три бронзени, сите во нордиско скијање (од ЗОИ 2002). Со тоа таа го престигна Оле Еинар Бјорндален за два медала, откако тој во биатлон од 1994 до 2014 година на ЗОИ освои осум златни, четири сребрени и еден бронзен медал. Трет на оваа листа е Бјорн Дели, кој, пак, во нордиско скијање од 1988 до 1998 година освои осум златни и четири сребрени олимписки медали.
Двоцифрен број медали на зимски олимписки игри досега освоија уште тројца спортисти, Ирен Вуст (Холандија, брзо лизгање, по пет златни и сребрени и еден бронзен, од 2006 до 2018 година), Раиса Сметанина (СССР, нордиско скијање, четири златни, пет сребрени и еден бронзен од 1976 до 1992 година) и Стефанија Белмондо (Италија, нордиско скијање, два златни, три сребрени и пет бронзени од 1988 до 2002 година). Од нив, само Вуст е активна. Таа треба да настапи и на ЗОИ 2022 во Пекинг и ако освои еден златен медал, ќе влезе во историјата како прва со индивидуални златни медали во женска или во машка конкуренција освоени на пет зимски или летни олимписки игри. Вуст освои по еден златен медал на ЗОИ 2006 во Торино, во 2010 година во Ванкувер, во 2014 година во Сочи и во 2018 година во Пјонгчанг и има еден златен медал во тимски настап, на ЗОИ 2014. Во една друга категорија се издвојуваат петмина спортисти што освојувале медали и на зимски и на летни олимписки игри. Тоа се Еди Иган (САД, во бокс и во боб), Јакоб Тулин Тамс (Норвешка, скијачки скокови и едрење), Криста Лудинг-Ротенбургер (Германија, брзо лизгање, велосипедизам), Клара Хјуз (Канада, брзо лизгање и велосипедизам) и Лорин Вилијамс (САД, боб и атлетика). Иган, пак, е единствениот што освоил златни медали и на зимски и на летни олимписки игри, откако победи во бокс на Летните олимписки игри во 1920 година во Антверпен и во боб на ЗОИ 1932 во Лејк Плесид.