АЛПСКО СКИЈАЊЕ – ВО ПРЕСРЕТ НА ЗОИ 2026
- Не е смела изјава. Јас сум го правела тоа и претходно. Едно би било да имав 41 година, никогаш да не сум освоила ништо и да речев: „Да, ќе дојдам тука и ќе направам нешто лудо“. Но токму тука застанав, само направив пауза. Беше навистина долга пауза. Имам и титаниумско колено, но во теорија е како возење велосипед. Ако има нешто што знам како да го правам, тоа е скијањето, вели Вон, пренесе ИОК
Великанката на тимот на САД во алпско скијање, Линдзи Вон, има богата олимписка кариера, која почна со нејзиното деби во Солт Лејк Сити во 2002 година, потоа освои злато во спуст и бронза во супервелеслалом во Ванкувер во 2010 година, по што следуваше бронза во спуст во Пјонгчанг во 2018 година. Сега, по речиси шестгодишна пензија и успешна делумна замена на коленото во 2024 година, Вон ја разгледува можноста повторно да се натпреварува за олимписки медали, овој пат на Зимските олимписки игри (ЗОИ) в година.
– Помина долго време од моите први олимписки игри и возбудена сум што можам да ја завршам мојата олимписка кариера во Кортина, место што го сакам толку многу – рече таа за Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
Во 2004 година во Кортина д’Ампецо го освои својот прв подиум во Светскиот куп, трето место во спуст, во 2015 година го постави рекордот за најмногу победи во спуст во Светскиот куп, 63, рекорд што подоцна го надмина Микаела Шифрин, а Вон уште го држи рекордот за најмногу победи во Светскиот куп во Кортина, со 12. Дали Вон уште брка медали на ЗОИ? Одговорот е индиректно да, пишува ИОК.
– Сите знаат колку сум конкурентна и веројатно можете да претпоставите кон што се стремам. Значи, дедуктивно би се заклучило дека тоа можеби е мојата цел – вели таа со насмевка, пренесе ИОК.
Вон ги посочува своите резултати од минатата сезона како доказ дека уште е во форма, вклучувајќи го и второто место во супервелеслаломот во Сан Вали.
– Не е смела изјава. Јас сум го правела тоа и претходно. Едно би било да имав 41 година, никогаш да не сум освоила ништо и да речев: „Да, ќе дојдам тука и ќе направам нешто лудо“. Но токму тука застанав, само направив пауза. Беше навистина долга пауза. Имам и титаниумско колено, но во теорија е како возење велосипед. Ако има нешто што знам како да го правам, тоа е скијањето. Можеби сум тотално неинформирана за сѐ друго, но едно нешто во кое можам да бидам сигурна е дека знам како да скијам – вели Вон, пренесе ИОК.
Се очекува Вон утре да ја отвори својата сезона во Светскиот куп, со трката во спуст, во Сент Мориц (Швајцарија). Н.М.

































