СКИЈАЊЕ
Американската скијачка Линдзи Вон победи во спуст-трката што вчера се одржа на патеката во Сент Мориц, Швајцарија. Со овој триумф, Вон на 41-годишна возраст стана најстарата победничка на трка во Светскиот куп. Американката стигна на целта со време од 1:29,36 секунди. Австријката Магдалена Егер заврши втора, со заостанување од 0,98 секунди, додека нејзината сонародничка Мирјам Пухнер беше трета, со заостанување од 1,16 секунди.
Во вкупниот пласман на Светскиот куп, Американката Микаела Шифрин убедливо води со 458 поени, пред второпласираната Лара Колтури од Албанија со 302 поени, додека Алис Робинсон од Нов Зеланд засега е трета со 292 поени. Натпреварувањето во Светскиот куп продолжува денеска, со уште еден спуст во Сент Мориц. Г.И.
































