Фото: ЕПА

Во април со операција со помош на робот дел од коската на десното колено на Вон ѝ бил заменет со две парчиња титаниум. „Помина долго време од кога се чувствував толку добро. Малку сум постара, но, искрено, многу сум посилна отколку што бев некогаш. Веќе разговарав со многу скијачи за тоа и навистина мислам дека тоа би можело да биде нешто што треба да се земе предвид“, рече Вон, една од најуспешните скијачки на сите времиња, која на 40-годишна возраст се врати во Светскиот куп, шест години по пензионирањето

Кога Линдзи Вон се тркаше во Светскиот куп (СК) во алпско скијање пред шест години, постојаната болка во коленото ја доведе до пензија, а минатиот викенд таа се врати на трките, со титаниумско колено, на 40-годишна возраст, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Последните неколку години од мојата кариера беа многу различни од сега. Скијам без да размислувам за моето колено, што навистина го немам направено откако првпат ги скинав лигаментите во 2013 година. Помина долго време од кога се чувствував толку добро. Малку сум постара, но, искрено, многу сум посилна отколку што бев некогаш – рече Вон во саботата, откако се пласира на 14-то место во супервелеслаломот во Сент Мориц.
Толку посилна што зборува за операцијата за замена на коленото, прва од ваков вид во скијањето во СК, како нова граница за спортот, откако во април ѝ беше извршена замена со помош на робот од Мартин Рош, ортопед од Јужна Флорида, специјализиран за сложени нарушувања на колено, кога дел од коската на десното колено ѝ бил заменет со две парчиња титаниум, пишува АП.
– Тоа е многу подобро од мојата непостојна ’рскавица. Веќе разговарав со многу скијачи за тоа и навистина мислам дека тоа би можело да биде нешто што треба да се земе предвид. Се чувствувам неверојатно. Мислам, очигледно не секој реагира на ист начин на операции. Поради некоја причина, доста добро се вратив од операцијата. Но мислам дека тоа е нешто сериозно да се разгледа за спортистите што имаат многу проблеми со колено – рече Вон, една од најуспешните скијачки на сите времиња, со 82 победи во СК.
Андреа Панцери, главна лекарка на Италијанската федерација за зимски спортови и ортопед, која многупати ја оперирала добрата пријателка на Вон и другарка во спуст Софија Гоџа, рече дека замена на колено обично се изведува кај пациенти постари од 50 години, пишува АП.

– Ова е дефинитивно првпат во историјата на Светскиот куп толку млад спортист да се трка со тоа. Не знам ниту за други спортисти на елитно ниво во други спортови што се натпреваруваат со тоа. Делумната протетика и онаа до половина колено дефинитивно се оние што нудат најдобри перформанси и тоа го гледаме (со Вон). Не мислам дека нејзината одлука ќе го промени професионалниот спорт. Но тоа би можело да обезбеди повеќе мотивација за таканаречените „нормални“ луѓе да пробаат протетика – изјави Панцери за АП.
Трикратниот тениски гранслем-шампион Енди Мареј на крајот од кариерата играше со вештачки колк, поранешната колешка на Вон, Џулија Манкузо, го преработи колкот неколку месеци откако се пензионира во 2018 година и одржува активен животен стил, но Панцери рече дека „колковите имаат различна биомеханика од коленото и многу повеќе луѓе можат да спортуваат со протетика на колк отколку со протетика за колено“, пишува АП. Крис Најт, личниот тренер на Вон, рече дека имаа прашања за тоа дали нејзиното колено од титаниум ќе ги издржи силите потребни за навигација во свиоците за скијање со брзина од 130 км на час.
– Немаше многу истражувања со спортисти на високо ниво и делумна замена на колената. Тоа е нова граница. Но досега сѐ работи навистина добро… И не би бил изненаден ако други луѓе го сторат тоа бидејќи резултатите што ги има Линдзи, без болка и оток, се неверојатни. Добро, таа остана во одлична форма цело време додека не се тркаше. Значи, тоа веројатно помогна. Мислам, ако седите како неактивен скијач и не правите ништо со вашата кондиција, тогаш можеби тоа нема да биде толку ефикасно – рече Најт, пренесе АП.
Следните трки на Вон се на 11 и 12 јануари в година во австрискиот Сент Антон. Н.М.