Проектот има цел да ја сензибилизира јавноста за потенцијалите на младите со попреченост од 18 до 30 години преку волонтирање на спортски случувања
СТРУШКИОТ СПОРТСКИ КЛУБ СОЛАРИС СО НОВ ПРОЕКТ
Струшкиот спортски клуб Соларис и официјално го најави новиот проект наречен „Волонтирај совладувајќи го хендикепот“ (Volonteering Beyond Handicapes -VoBeHa). Тимот на Соларис го одржа и воведниот состанок со партнерите изминатиов четврток во турскиот град Истанбул. Проектот има цел да ја сензибилизира јавноста за потенцијалите на младите со попреченост од 18 до 30 години преку волонтирање на спортски случувања. Ова беше подготвителната фаза, а проектот наскоро ќе започне со фазата на имплементација.

Проектот вклучува: анализа на моменталната ситуација на волонтерите со попречености во спортот, изработка на модул за нивна обука, селекција на 20 младинци со попреченост, тренинг-сесии и сертифицирање на селектираните младинци, волонтирање на локални, регионални и национални спортски случувања, завршен настан во Дубровник со учество на волонтерите на познатиот атлетскиот маратон во Дубровник „ДуМоушн 2026“, во организацијата на Спортската заедница на Дубровник.
– Партнери со кои ќе го реализираме проектот се: Заедницата на спортови на градот Дубровник и турскиот клуб Каргенц. На тој начин Струга добива нови општествено вредни спортски случувања и активности. Останете со нас активно и понатаму – велат од тимот на Соларис.
Проектот е финансиран од Европска Унија (ЕУ) преку програмата „Еразмус+Спорт“. Г.И.