Маршанд сака да стане првиот што победил на ЛОИ на 200 м градно и на 200 м пеперутка, по нови успеси тргнува најтрофејната гимнастичарка во светот Бајлс, олимпиското злато е единственото од големите турнири што недостига во колекцијата на Ѓоковиќ, Ледецки е на еден златен медал од израмнување рекорд како најуспешна олимписка пливачка на сите времиња, Лајлс сака да стане првиот атлетичар со четири злата на патека на исти ЛОИ, Кипјегон сака да ја повтори двојната светска титула на 1.500 и на 5.000 м од лани, за Кари олимписки медал е речиси единственото нешто што недостига во неговата колекција, Фрејзер-Прајс ќе настапи на своите петти ЛОИ…
ВЕЧЕРВА СВЕЧЕНО ОТВОРАЊЕ НА 33. ЛЕТНИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ
Околу 10.500 спортисти од целиот свет ќе се натпреваруваат во 32 спорта на 33. Летни олимписки игри (ЛОИ) во Париз, чие свечено отворање е вечерва (од 20 часот). За 329-те златни медали ќе се натпреваруваат и големи светски ѕвезди, во повеќе спортови, меѓу кои повеќекратни светски шампиони и рекордери.
Петкратниот светски првак Леон Маршанд (Франција) треба да биде едно од лицата на Игрите и ќе се натпреварува за повеќе златни медали во пливање, пишува „Би-би-си“. Кога 22-годишниот Маршанд не студира компјутерски науки во САД, тој урива рекорди од забава, а тоа го вклучува ланскиот светски рекорд на големиот Мајкл Фелпс на 400 м мешано, стар 15 години. Син на двајца олимписки пливачи, Маршанд е светски шампион на 200 м мешано, 400 м мешано и 200 м пеперутка. Тој има за цел да стане првиот пливач што победил на ЛОИ на 200 м градно и на 200 м пеперутка, но за да го стори тоа, ќе мора да се трка во двете дисциплини во истите денови, а вкупно Маршанд, чиј тренер е поранешниот тренер на Фелпс, ќе има шанса за четири поединечни златни медали пред своите домашни навивачи, пишува „Би-би-си“.
Пред три години многумина мислеа дека можеби последен пат ја виделе на ЛОИ најтрофејната гимнастичарка во светот Симон Бајлс (САД). Таа се повлече од неколку настани на Игрите во Токио, кога беше фаворитка да додаде нови на нејзините четири олимписки златни медали, а потоа направи емотивно враќање и ја освои бронзата на греда, нејзиниот седми олимписки медал, пишува „Би-би-си“. Бајлс потоа направи пауза од спортот пред да се врати на натпреварувањето во јуни лани, а оттогаш додаде пет медали од светските првенства (СП), вклучувајќи и четири злата.
Олимпиското злато е единственото од големите турнири што недостига во колекцијата на 24-кратниот тениски гранслем-шампион Новак Ѓоковиќ (Србија). На ЛОИ во Токио, кога беше на патеката за „Златен слем“, сите четири гранслем-турнири, плус олимписко злато, тој загуби од евентуалниот шампион Александер Зверев во полуфиналето. Ѓоковиќ има историја на враќање по неволјите, а ако е подготвен, подобрување од бронзата што ја освои на ЛОИ 2008 е во игра, пишува „Би-би-си“.
Може ли некој да ја запре седумкратната олимписка шампионка во пливање? Кејти Ледецки (САД) треба да настапи на четвртите Игри и е на еден златен медал од израмнување со сонародничката Џени Томпсон како најуспешна олимписка пливачка на сите времиња. Таа има шанса да го надмине рекордот, бидејќи се очекува да се натпреварува во четири дисциплини (400 м слободно, 800 м слободно, 1.500 м слободно и штафета 4х200 м). Со освоени 10 медали, Ледецки може да го собори и рекордот на Томпсон од 12. Ледецки ги брани титулите на 800 м и на 1.500 м слободно, во кои е и светска рекордерка, но има мала надеж за нејзините ривалки, бидејќи таа го претрпе првиот пораз по 13 години во финалето на 800 м слободно во февруари, пишува „Би-би-си“.
Американскиот спринтер Ноа Лајлс (САД) си постави огромни цели, да стане првиот човек што освоил четири златни медали на патеката на исти ЛОИ, на 100 м, 200 м и во штафетите 4х100 м и 4х400 м. Тој го освои златото во првите три од тие настани на СП лани и се надева дека ќе добие место во тимот на 4х400 м, откако го имаше своето деби во дисциплината на СП во сала, пишува „Би-би-си“. Тој зборуваше и дека сака да го надмине светскиот рекорд на јамајскиот великан Усеин Болт на 100 и на 200 метри.
Двојната олимписка шампионка и светска рекордерка на 1.500 метри, Феит Кипјегон (Кенија) ќе се трка за два златни медали во Париз, бидејќи сака да ја повтори двојната титула на 1.500 и на 5.000 метри што ја постигна на минатогодишното СП во атлетика.
НБА-великанот Стивен Кари ќе дебитира на ЛОИ и е дел од машката кошаркарска репрезентација на САД полна со ѕвезди, која ќе се обиде да додаде ново злато на нивните 16 златни олимписки медали. Тие го освоија секое злато од 2004 година. Олимписки медал е речиси единственото нешто што недостига во колекцијата на Кари, која вклучува четири титули во НБА, две награди за најкорисен играч (МВП) во НБА и две светски титули. Тој е и рекордер во НБА на сите времиња за три поени. Леброн Џејмс, најдобриот стрелец во НБА на сите времиња, ќе игра на ЛОИ првпат по 2012 година, а Кевин Дурент се обидува да стане првиот кошаркар со четири златни медали.
Шели-Ен Фрејзер-Прајс (Јамајка, атлетика) има 37 години и ќе настапи на своите петти и последни ЛОИ. Петкратната светска шампионка на 100 м се бореше со повреди сезонава, но ќе се натпреварува на нејзиниот препознатлив настан во Париз заедно со колешката Шерика Џексон, која го брка својот прв индивидуален олимписки златен медал. Тие ќе бидат и во штафетниот тим 4х100 м додека Јамајка се обидува да ја одбрани титулата… Н.М.
ОД НАШ АГОЛ
Време е за спорт
Триесет и третите Летни олимписки игри почнуваат вечерва во Париз, со досега невидено свечено отворање за ваков планетарен спортски собир, покрај река, наместо на стадион. Тоа е само еден аспект на единственоста на овие Игри. Тие се и своевидна спортска пресвртница, настан што е организиран за спортистите и од спортистите (за многу детали беше побарано и спроведено мислењето на спортистите). Тоа се и Игри на кои првпат сите 32 олимписки спорта ќе постигнат целосна родова еднаквост. Натпреварите во Париз се и можност за олимписко деби на нови спортови и спортски дисциплини, а сите над 10.000 спортисти од целиот свет се во потрага по спортските дострели со ползување на олимпиското мото „Побрзо повисоко, посилно“.
Олимписките игри секогаш се време во кое спортот владее со планетата, тие се единствени со својата широка привлечност, и за спортистите (повеќето спортови имаат и свои светски првенства, но најголема цел веројатно на сите спортисти е настап на Олимписки игри) и за гледачите, со универзалните олимписки вредности, извонредност, почит и пријателство, кои ја сочинуваат основата врз која олимпиското движење ги гради своите активности за промовирање на спортот, културата и образованието со цел да се изгради подобар свет, тоа е време кога спортот треба да го потисне секојдневието. Време е за спорт.
Од првите модерни Игри до денес секогаш спортските достигнувања биле приказните што останувале како спортски белег за поединци, репрезентации или за една спортска ера, но и како поттик и патоказ за идните спортски великани, кои потоа пишуваа свои спортски приказни, за одржување на едно прекрасно олимписко перпетуум-мобиле. Нема сомнеж дека и годинашните Летни олимписки игри во Париз ќе бидат исткаени од голем број неверојатни спортски приказни, при распределбата на медалите, но, секако, и приказни за сите што ќе стапнат на олимписките борилишта.
Македонија во својата шестчлена експедиција има и кандидати за медали. Им посакуваме многу среќа и успех на пливачот Никола Ѓуретановиќ, стрелачката Анастасија Мојсовска, џудистот Еди Шерифовски, таеквондистката Милијана Рељиќ, борачот Владимир Егоров и на атлетичарот Дарио Ивановски.
Време е за спорт. Н.М.