Фото: „Нова Македонија“

Вкупно 135-те кошаркари што се родени надвор од САД доаѓаат од 43 земји, што е изедначен рекорд, и 71 се од Европа, најмногу досега од тој континент, а сите 30 тима имаат барем еден меѓународен играч во своите состави за отворањето на сезоната, пишува АП

Со натпреварите рано утринава, во кои актуелниот првак Оклахома игра со Хјустон, а Лос Анџелес лејкерс ќе се сретне со Голден стејт, треба да почне 80. сезона на кошаркарската НБА-лига.
Во составите на тимовите објавени пред почетокот на сезоната има рекордни 135 кошаркари што се родени надвор од САД, а доаѓаат од 43 земји, што е изедначен рекорд, и 71 се од Европа, најмногу досега од тој континент, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Сите 30 тима имаат барем еден меѓународен играч во своите состави за отворањето на сезоната. Се очекува НБА наскоро да го финализира новиот формат на олстар-натпреварот, во кој американските играчи на турнир ќе играат против меѓународни играчи, пишува АП.
Канаѓанецот Шаи Гилџус-Александер од Оклахома е актуелен најкорисен кошаркар (МВП). Играчи родени надвор од САД (Никола Јокиќ од Србија трипати, Јанис Адетокумбо од Грција двапати, Џоел Ембид роден во Камерун еднаш и Гилџус-Александер еднаш) ги освоија претходните седум награди за МВП на НБА, најдолгата таква низа во историјата на лигата. Ембид е американски државјанин и ѝ помогна на репрезентацијата на САД да го освои олимпиското злато на Игрите во Париз во 2024 година.
Во овој момент, секојпат кога игра ѕвездата на Лос Анџелес лејкерс, Леброн Џејмс, тој ги ажурира рекордите на лигата. Тој е лидер на сите времиња во НБА според постигнати поени и одиграни минути и има уште неколку рекорди на повидок сезонава. Така, неговиот прв натпревар сезонава официјално ќе ја направи оваа негова 23-та сезона, надминувајќи го досега корекордерот Винс Картер за најмногу сезони во историјата на НБА од еден играч, ако игра на 50 натпревари, ќе го собори рекордот од 1.611 (само во регуларната сезона) што го држи Роберт Париш, ако постигне 350 поени од поле, ќе го собори рекордот на Карим Абдул-Џабар од 15.837, пишува АП.
Од другите, Џејмс Харден од Лос Анџелес клиперс има 27.687 поени во својата кариера и му требаат уште 603 поени за да го помине членот на Куќата на славните, Кармело Ентони, за 10-то место на листата на сите времиња во НБА. На Расел Вестбрук од Сакраменто му требаат 75 асистенции за да стане осмиот играч во историјата на НБА со 10.000. На тренерот на Индијана, Рик Карлајл, му недостигаат седум победи за да има 1.000 во својата кариера. Тој ќе биде 11. тренер што ќе го оствари тоа. На Ерик Споелстра од Мајами му требаат девет победи за да го престигне Ред Оербах за најмногу победи тренирајќи еден тим. Ауербах има 795 со Селтикс, а само Грег Попович (1.390 со Сан Антонио) и Џери Слоун (1.127 со Јута) имаат повеќе победи со еден клуб. Тренерот на Милвоки, Док Риверс, водеше тим на 1.978 натпревари, со што е на осмото место во историјата на лигата. Ако тој биде тренер во целата сезона, ќе се искачи на 4. место на листата на сите времиња со најмногу водени натпревари, престигнувајќи ги Бил Фич (2.050), Џери Слоун (2.024), Лари Браун (2.002) и Џорџ Карл (1.999). Број еден на таа листа е Лени Вилкенс (2.487), број два е Дон Нелсон (2.318) и број три е Грег Попович (2.214), пишува АП. Н.М.