Како дел од Годината на шахот во образованието, самитот за шах во образованието ќе се одржи на 20 и 21 март во Сан Хозе, Костарика, на кој ќе се соберат едукатори, креатори на политики и лидери за развој на шахот од цела Америка и пошироко. Организиран во соработка со Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Конфедерацијата на шах за Америка, Шаховската федерација на Костарика и Министерството за јавно образование на Костарика, самитот ќе се фокусира на практични модели за интегрирање на шахот во училишните системи, со акцент на инклузијата, благосостојбата на учениците и леснотијата на имплементација за наставниците.
Настанот ќе послужи и како платформа за регионална соработка. Министерски делегации од неколку латиноамерикански земји, вклучувајќи ги Гватемала, Венецуела и Ел Салвадор, се поканети да учествуваат, заедно со националните власти од Костарика. Клучен исход од самитот ќе биде лансирањето национална пилот-програма за воведување шаховско образование во десет училишта во Костарика, развиена заеднички од ФИДЕ, ЦЦА, ФЦА и Министерството за јавно образование, информира ФИДЕ. Учесниците можат да присуствуваат лично или преку интернет.
– За време на Годината на шахот во образованието, наш приоритет е да ги поддржиме земјите во имплементацијата на шахот во училниците на значаен и достапен начин. Иницијативата почната во Костарика покажува како националните власти и шаховската заедница можат да работат заедно за да го стават шахот во служба на образованието и благосостојбата на учениците – рече Дана Рејзниеце, заменик-претседателка на УО на ФИДЕ, пренесе ФИДЕ. Г.И.
































