Невремето и калливиот терен не беа пречка за да се игра

Од ракометното минато (17)

  • По неуспешните квалификации за Првата сојузна лига во 1957 година, веќе во следната јубилејна година Македонија го доби првиот ракометен прволигаш. Скопските „железничари“ поминаа тежок пат до пласманот во елитата

Ракометот во Македонија во втората половина од 50-тите години на минатиот век веќе се стабилизира и стана втор спорт по популарност по фудбалот. Заслуга за ова имаа неколкуте клуба формирани во македонските градови, предводени од РК Работнички, кој во 1958 година стана член на Првата сојузна ракометна лига. Овој успех нема да погрешам ако кажам оти пред сѐ е заслуга на неуморниот тренер и играч Славко Матовски. Со искуство повеќе од претходните неуспешни прволигашки квалификации, Славко, една година подоцна ја поведе својата екипа на патот кон елитата. Иако и понатаму ги тиштеа финансиските проблеми, сепак, фактот што добија свое игралиште беше многу битен за редовно да се одржуваат тренинзите. На овој начин комплетно се исполнуваше тренинг-програмата и годината се дочека со многу голем оптимизам и со две желби: првата беше да се врати загубената републичка титула, а втората, доколку е можно, да се успее во квалификациите за влегување во Првата сојузна лига.
Оптоварени со овие две задачи што ги поставија пред себе почнаа подготовките за 10-годишниот јубилеј од формирањето на РК Работнички да биде прославен со добри настапи и со добивање прволигашки статус. Од оваа временска дистанца може да се каже оти тоа беше она што ги стимулираше ракометарите и им даваше посебен елан на тренинзите и на натпреварите.

Загреб – центар за зимски турнири

Прва позначајна манифестација во 1958 година беше Турнирот на републиките во Загреб. Македонската репрезентација беше ослабена за овој настап зашто Дале Геровски замина на отслужување на воениот рок во ЈНА, а Зафир Куновски, како кандидат за репрезентацијата, за да биде што поблиску до очите на селекторот Иван Сној, настапи за репрезентација на Србија. Ова беше добар потег на Славко Матовски и неговите соработници, бидејќи токму тоа беше голема шанса Куновски да ги покаже високите квалитети, да се наметне на селекторскиот тим и да заигра за репрезентацијата. Практично преку овие настапи популарниот Зафе се најде на списокот меѓу 23-те кандидати за состав на југословенската репрезентација за идните средби, а пред сѐ за настапот на Светското првенство до ДР Германија.
Инаку, во овие години, не само кај нас во Македонија туку воопшто во целата држава, не постоеја адекватни сали за одржување натпревари. Единствен објект што даваше оптимални услови за игра беше Загрепскиот саем. Затоа, зимските турнири најчесто се одржуваа таму, а таму се подготвуваше и репрезентацијата. Со оглед на условите што ги нудеше најголемата сала од Загрепскиот саем, немаше никакви пречки во текот на зимата да се организира и традиционалниот турнир под името „Микушев меморијал“, на кој во 1958 година настапи и Работнички. Во почетокот од турнирот „железничарите“ се сретнаа со екипата на Карловац. Во регуларното време средбата заврши без победник, 7-7, по изведувањето пенали Работнички беше победник, а во вториот настап скопјаните беа поразени од Риека со 5-15. Колку беше голема доминацијата на хрватскиот ракомет во тоа време потврдува и фактот што Работнички и во третиот натпревар на турнирот загуби од уште една екипа од таа република, Локомотива од Загреб со 5-6.
На крајот, во конкуренција на 18 екипи, скопјани го поделија од петтото до осмото место. Во составот на Работнички на овој турнир се наоѓаа Славко и Никола Матовски, Виктор Маерле (кој го лансира оној т.н. ерет-удар), Зарков, Ивановски, Томановиќ, Н. Димитровски и Кратовалиев.
„По враќањето од Загреб, откако ги видовме нашите слабости и празнините во играта, со текот на времето како што се одвиваа тренинзите ги отстранувавме воочените слабости. Така, екипата беше подготвена за нови предизвици“, пишува во својата книга Славко Матовски.

Освоени градското и републичкото првенство

Сопственото игралиште и можноста во секој момент да се тренира, придонесоа Работнички да има уште повеќе активности и да стане вистински двигател во македонскиот ракомет. Ова го потврдуваат и резултатитe остварени токму во јубилејната година. На десетгодишнината од формирањето „железничарите“ не дозволија да бидат изненадени на домашната сцена, како што тоа беше случај во претходната, кога ја загубија републичката титула. Овој пат со тимот од Градскиот парк немаше шега, ги совладуваше противниците и ги остваруваше зацртаните цели.
На Градското првенство на Скопје Работнички беше уверлив и освои 21 бод, два повеќе од лутиот ривал Графичар. Интересно е оти токму оваа екипа му застана на патот да има стоотстотен учинок во лигата. Имено, Работнички само со Графичар, кој во меѓувреме со фузијата со Борац значително се засили, имаше едно реми, одиграно под неверојатно тешки услови по дожд и лизгав терен. Впрочем и самиот резултат, 4-4, најдобро покажува колку било напорно да се игра, штом биле постигнати вкупно осум гола. Тоа за еден ракометен натпревар е далеку под вообичаениот просек. Но, како и да е, Работнички го освои градското првенство и сите беа задоволни од победите над екипите на Лирија, Техник и Трговски. Охрабрен од резултатот Матовски со својата „чета“ не застанува тука, туку пред себе имаше нови предизвици. Следна цел беше да се триумфира и на републичкото првенство. Меѓутоа, овде конкуренцијата беше многу посилна од минатите сезони, зашто во тоа време се појавија млади, но квалитетни екипи во повеќе македонски градови. Таков беше случајот со Тиквеш од Кавадарци, кој, сепак, за разлика од другите, беше поискусен и можеше да им парира на Работнички и на Графичар. Впрочем, кавадарчани во почетокот го изненадија и го победија Работнички со 9-6, во натпревар одигран во Кавадарци во тензична атмосфера и со многу прекини. Во реваншот Работнички забележа висока победа од 20-9. Инаку, меѓу новоформираните клубови посебно се истакнуваа Партизан од Гевгелија, Полет од Охрид, и Вардар од Неготино, кои продолжија со амбициозна работа и веќе следните години играа значајна улога во првенствата на Македонија.
Конкуренцијата за титулата очигледно стана поголема. Во Работнички беа свесни оти сите ривали ќе настојуваат токму против нив да заиграат максимално и евентуално да приредат изненадување. Но тоа не се случи. Сепак, на сите екипи им беше потребно време за да созреат и дури потоа рамноправно да се носат со оние кои веќе зад себе имаа неколкугодишно искуство. Во една таква ситуација Работнички не дозволи да биде изненаден, триумфира на републичкото првенство и пехарот повторно се најде во неговите витрини.

Прволигаш преку бараж

По сите овие настапи и натпревари дојде моментот за ново учество во прволигашките квалификации. Работнички, како првак на Македонија, беше одреден да игра на турнирот во Белград. Овде, во првото коло Работнички очекувано загуби од домашниот Железничар со 16-11. Уште под импресии на стартниот пораз, ракометарите ги очекуваше нов неизвесен дуел. Иако, за многумина Работнички беше благ фаворит, сепак, загуби со 13-14 од Партизан (Бује), за во третиот дуел да дојде до уверлива победа со 27-15 против црногорскиот првак Будуќност. Овој висок резултат придонесе да го дели второто место со два бода, заедно со екипите на Партизан од Бује и со Будуќност. Меѓутоа, благодарејќи токму на високата победа над Будуќност, Работнички имаше најдобра гол-разлика и се пласира за квалификацискиот бараж со екипата на Одред од Љубљана.
Во дополнителниот прволигашки бараж на 13 јуни 1958 година скопјаните пред околу 1.500 гледачи на своето игралиште победија со 21-15. Но со оваа победа работата не беше завршена. Напротив она најтешкото допрва доаѓаше, зашто во реваншот во Љубљана требаше да се зачува предноста од шест гола од овој прв дуел.
На долгиот пат до Љубљана, експедицијата на Работнички тргнала предводена од капетанот во ЈНА, Перо Георгиевски, татко на ракометарот Мето, кој бил духовит човек и создал една ведра атмосфера. Сите мислеле оти тој ќе ги „построи“ онака војнички, но се случило спротивното. Она што Перо бил капетан во војската на поранешна Југославија, тој на ова патување ги „заборавил“ војничките строгости и се однесувал како да е врсник на играчите. Сето тоа имало позитивен ефект, што се видело и на теренот. Поддржани од својот водач Перо, а под командата на тренерот Славко, потпомогнати од неколкуте македонски навивачи од трибините, Работнички влегол во решавачкиот дуел. Уште од стартот, благодарејќи на одличната тактика на Матовски, Работнички веднаш повел со неколку гола разлика. Таа разлика скопјаните не само што ја одржувале туку и ја зголемувале, па крајниот резултат бил 22-16. Работнички успешно помина низ квалификацискиот пекол и стана член на Првата сојузна ракометна лига. Така, фудбалерите на Вардар не беа единствени во елитната лига туку сега им се придружија и ракометарите на Работнички. Задоволството на спортската публика во Скопје и во Македонија по овој успех беше огромно и сите го славеа големиот успех на Работнички, со кој се отворија нови перспективи за македонскиот ракомет.