КУГЛАЊЕ – ЕВРОПСКИ КУПОВИ
- Во Светскиот куп победи Залаегерсег, во Европскиот куп Раиндорф и во НБЦ-купот Халбергмос, за кој настапи поранешниот македонски репрезентативец Бојан Влакевски
Во европските клупски купови во куглање унгарскиот Залаегерсег победи во Светскиот куп (СК) одигран во Болцано (Италија), германски Раиндорф триумфира во Европскиот куп (ЕК) во Осиек (Хрватска), а во НБЦ-купот во Минхен (Германија) најдобар беше германски Халбергмос, за кој настапи поранешниот македонски репрезентативец, сега хрватски, Бојан Влакевски, кој во финалето собори 692 кегли. Трет е хрватски Задар, кој беше подобар од австриски Сент Полтен, а чии бои ги брани македонскиот репрезентативец со словенечко потекло, Борис Бенедик, кој урна 572 кегли.
– Мојот резултат во финалето не беше најдобар во НБЦ-купот, во квалификациите подобар беше на Дарио Дуда, 698. Имавме амбиција да освоиме медал, а се надевавме и на прво место, но тоа не зависеше само од нас, оти имаше многу квалитетни клубови. Задоволен сум од финалниот меч, во квалификациите имав големи проблеми, но, за среќа, добро се заврши. Досега имам освоено СК, НБЦ- куп, како и неколку втори места и трети места во овие купови. Поединечно мојот рекорд е 758, кој е уште актуелен рекорд во Бундес-лигата – ни изјави Влакевски.
Македонскиот претставник Вардар 2014 во овој куп го освои 14-то место од 27 екипи и имаше најмногу соборени кегли (3.576) од другите два македонски клуба во другите два купа. Првите три екипи се пласираа во ЛШ. Во ЕК, голем успех постигна македонскиот репрезентативец, а до неодамна и селектор, Димитар Димитровски, кој со сплитски Мертојак го освои третото место победувајќи го словачки Трстена Старек со 5-3. Димитровски собори 587 кегли во финалето. Првото место го освои германски Раиндорф, кој во финалето го победи унгарски Сегед со 7-1. Македонскиот претставник во овој куп, Пелистер, е 11-ти од 13 екипи (3.390), а првите пет се пласираа во ЛШ.
– Се разбира дека сум задоволен со оглед дека и годинава се враќаме со медал од европските купови и со тоа го продолжуваме континуитетот на учества во ЛШ. Лично не бев максимално физички подготвен за три натпревари за четири дена, но среќен сум што придонесов со мојата победа во битката за третата позиција, а со тоа и во тимската победа. Со овој резултат Мертојак ќе биде носител во групите во ЛШ. И годинава се надеваме на успешни настапи во ЛШ и што подалеку да стигнеме. Лани игравме и го освоивме НБЦ-купот, а во ЛШ бевме на четвртото место – ни рече Димитровски.
Во СК триумфира Залаегерсаг, кој во финалето го совлада германски Рот Зербст со 6-2. Поранешниот македонски репрезентативец, а сега хрватски, Бранко Манев, со Запрешиќ го освои петтото место. Македонскиот првак Макпетрол го освои деветтото место и за едно место не се пласира во ЛШ. Вкупно 16 клуба ќе играат во ЛШ. Во женска конкуренција, Македонија немаше свој претставник. Г.И.