МЕЃУНАРОДЕН ТУРНИР „ПРИЛЕП ГРАД ХЕРОЈ 2025 – ЦЕВИТАНА КУП“
- Турнирот беше за возрасните категории деца, помлади пионери и пионери во машка и во женска конкуренција, кои се натпреваруваа во околу 40 тежински категории
Во спортската сала на СОУ „Ристе Ристески-Ричко“ во Прилеп викендов се одржа 15. Меѓународен традиционален турнир во џудо „Прилеп град херој – 2025 Цевитана куп“, во организација на џудо-клубот Сеишин од Прилеп, со поддршка на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ). Турнирот беше за возрасните категории деца, помлади пионери и пионери во машка и во женска конкуренција, кои се натпреваруваа во околу 40 тежински категории. На турнирот учествуваа 31 клуб со 300 натпреварувачи од 10 џудо-федерации (Словачка, Србија, Црна Гора, Англија, Турција, Албанија, Бугарија, Грција, Косово и од Македонија).
– Годинава повторно имаше клубови од нови три држави што првпат дојдоа во Прилеп, и тоа од Англија, Словачка и од Турција, со што турнирот го зголеми бројот на земји учеснички на 10. Спортската сала беше преполна и практично речиси немаше место за сите љубители на џудо-спорот.
Организаторот ги исполни сите услови што се во согласност со правилата и прописите за организација на еден ваков настан. Дополнително, организаторот се погрижи и за сместување на поголемиот дел од странските гости, кои пристигнаа еден ден претходно, а некои дури и останаа и по турнирот за запознавање со прилепските џудисти, дружење и прошетки низ градот Прилеп – вели тренерот на ЏК Сеишин и спортски директор на ЏФМ, Дејан Мицкоски.
Најуспешни клубови по возрасни категории: деца, тим од Турција (девојчиња), тим од Турција (момчиња); помлади пионери: тим од Турција (девојчиња), ЏК Академик од Никшиќ, Црна Гора (момчиња); категорија пионери: ЏК Велико Градиште од Србија (девојчиња), ЏК Бардејов од Словачка (момчиња). Најмасовна екипа беше екипата од Турција со околу 50 натпреварувачи. Турнирот го отвори градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчевски, а беше посетен и од повеќе спортски работници од Прилеп, како и претставници од телата и органите на ЏФМ. Г.И.