Фото: Пиксабеј

ЗОИ 2026

  • Волонтерите работат во 30 оперативни области и 70 улоги, од тоа да им посакаат добредојде на гледачите на местата за натпревари до јазични услуги и организациска поддршка на места како Олимпиското село и главниот прес-центар, пишува ИОК. „Штом спортистот ќе пристигне во земјата за да учествува на Олимписките игри, првата личност што ја гледа е волонтер. Топлината и насмевката на волонтерот прават да се чувствувате како дома далеку од дома“, вели Дијана Бјанкеди, главна директорка за стратегија, планирање и наследство на Организацискиот комитет на ЗОИ 2026

Тим од околу 18.000 секогаш насмеани волонтери помагаат на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д`Ампецо, по глобалниот процес на регрутирање, кој привлече повеќе од 135.000 апликации. Претставувајќи 98 националности, дури и повеќе од спортистите од 92 национални олимписки комитети во акција, волонтерите поддржуваат операции низ местата за натпреварување, олимписките села и други клучни области на услуги, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
– Од моментот кога спортистите пристигнуваат во Италија до последните моменти од натпреварувањето, волонтерите се во центарот на искуството со Игрите – вели Дијана Бјанкеди, главна директорка за стратегија, планирање и наследство на Организацискиот комитет на ЗОИ 2026.
Таа објасни дека волонтерското патување почнало пред осум години, кога тимовите за регрутирање патувале низ регионите во Италија за тесно да соработуваат со заедниците длабоко вкоренети во зимските спортови.
– Поминавме многу време со нив дури и пред да го скицираме олимпискиот мастер-план, за да ја разбереме додадената вредност што овие луѓе би можеле да ја донесат. Се фокусиравме на луѓе што ја разбираат природата на местата, локациите, спортовите и спортистите. Штом спортистот ќе пристигне во земјата за да учествува на Олимписките игри, вратата на авионот се отвора и првата личност што ја гледа е волонтер. Топлината и насмевката на волонтерот прават да се чувствувате како дома далеку од дома – рече таа.
Тие беа изненадени, додаде таа, од огромниот одзив на нивниот отворен повик, бидејќи 10.000 апликации беа примени во првите 48 часа. Програмата привлече и значително меѓународно внимание, со повеќе од 135.000 луѓе што аплицираа од целиот свет. Ирене Маркато, раководителка на волонтерската програма на ЗОИ 2026, рече дека тие намерно барале луѓе што се страсни за спортот и сакаат да прават нешто ново.
– Спроведовме 35.000 интервјуа. За луѓе надвор од Италија, интервјуата ги правевме преку интернет. Тука има 2.000 волонтери што дојдоа во Италија со единствена цел, да учествуваат на овие Игри. Значи, тоа е многу разновиден тим – вели Маркато.
Волонтерите работат во 30 оперативни области и 70 улоги, од тоа да им посакаат добредојде на гледачите на местата за натпревари до јазични услуги и организациска поддршка на места како Олимпиското село и главниот прес-центар. За Џулија Рестели, една од волонтерките, мотивацијата е длабоко лична.
– Кога бев дете, ги гледав Олимписките игри на телевизија и имав многу силни чувства. Кога дознав дека мојата земја ќе биде домаќин на Игрите, помислив дека тоа е шанса. Затоа веднаш аплицирав. Имате единствена можност да се поврзете и да запознаете луѓе од Италија и од целиот свет. Искуството е многу динамично и збогатувачко – рече таа, пренесе ИОК. Г.И.