Во новиот состав на Алкалоид засилувањата повторно доаѓаат од Далечниот Исток, индиските велемајстори Арјун Еригаиси, Аравинд Читамбарам Веерапан и Нараианан С.Л., кинескиот велемајстор Ји Веи, заедно со нашиот добро познат (член на екипата од 2015 година) велемајстор Јангјуи Ју, српските велемајстори Александар Инѓиќ и Велимир Ивиќ (настапуваа за екипата на државното првенство) и нашиот домашен многукратен шампион, интернационалниот мајстор Филип Панчевски

ШАХ

Нашиот најуспешен шаховски клуб и еден од најуспешните спортски клубови во историјата на македонскиот спорт е подготвен да ги одмери силите на годинашниот Европски клупски куп (ЕКК) со други ривали за нова европска шампионска титула.
Во клупската историја со гордост остануваат забележани исклучително успешните настапи на ЕКК во 2016 година, кога ШК Алкалоид ја понесе титулата европски шампион, и тоа токму во годината кога клубот одбележа 40 години од своето формирање. Се продолжи со успешен настап и во 2017 година, кога Алкалоид го освои второто место. Интересно е да се истакне дека клупската стратегија и план од 2015 беа во следните пет настапи екипата да освои барем еден каков било медал, фармацевтите со своите извонредни настапи далеку ги надминаа сите очекувања, во 2015 делба на петтото место, во 2016-та прво место, во 2017 година делба на второто место, во 2018-та делба на третото место и во 2019 година делба на четвртото место.
Потоа следуваше само еден настап во 2021 година, проследено во меѓувреме со реструктурирање на интернационалниот состав на тимот. Во 2023 година македонскиот состав играше на Светското екипно првенство за шахисти над 50 години, каде што оствари уште еден успех со освоеното петто место во конкуренција на 22 екипи. Откако годинава беше завршена „домашната задача“ со освоената титула на државното екипно првенство, последователна 12-та шампионска титула (по 26-ти пат во претходните 32 години), фокусот на клубот е свртен кон меѓународните настапи.
Во новиот состав на Алкалоид засилувањата повторно доаѓаат од Далечниот Исток, индиските велемајстори (ВМ) Арјун Еригаиси, Аравинд Читамбарам Веерапан и Нараианан С.Л., кинескиот велемајстор Ји Веи, заедно со нашиот добро познат (член на екипата од 2015 година) велемајстор Јангјуи Ју, српските велемајстори Александар Инѓиќ и Велимир Ивиќ (настапуваа за екипата на државното првенство) и нашиот домашен многукратен шампион, интернационалниот мајстор (ИМ) Филип Панчевски.

И во досегашните настапи Алкалоид се покажа извонредно во аналитика и селекција на екипата и особено во високопрофесионалната организација на клубот, а особено со фанатичната страст за градење успешни екипи, што впрочем е пресликување на корпоративната матрица и начин на размислување од спонзорот „Алкалоид“ АД – Скопје.
За жал, во годинашната екипа на фармацевтите нема повторно да го видиме ВМ Динг Лирен (настапуваше за Алкалоид во 2016, 2017 и во 2018 година), кој во април 2023 година стана светски шампион. Но аналитиката на клубот се насочи, покрај кон кинеските, и кон индиските шахисти, кои покажуваат исклучителен раст и квалитет, а нивните млади шахисти се етаблираат и почнуваат да доминираат во светскиот врв. Интересно е да се спомне дека пет од играчите беа во составот на репрезентациите на своите држави на 45. Шаховска олимпијада што заврши минатиот месец во Будимпешта, а со своите одлични настапи и резултати уште повеќе ги зголемуваат клупските очекувања.
Редоследот на играчите е според моментниот рејтинг, а конкретниот распоред по табли официјално се објавува на самиот почеток на турнирот. Капитен на екипата е велемајсторот Влатко Богдановски, повеќекратен државен шампион и долгогодишен член на државната репрезентација. Од 84 пријавени екипи, ШК Алкалоид иницијално (според просечниот рејтинг на екипата) е на второто место. Овој турнир, кој често го нарекуваат и шаховска „Лига на шампионите“ годинава ќе се одржи од 20 до 26 октомври во Врњачка Бања, Србија.
Фактот дека најголемиот успех и европската шампионска титула е освоена, исто така, кога нашиот северен сосед беше домаќин на првенството, за екипата претставува потстрек со уште поголем мотив да се нападне европскиот трон. Високите амбиции се дел од корпоративната култура на „фармацевтите“ и стремежот кон врвот природно се наметнува како објективна цел. Играчите се подготвени да го дадат својот максимум во текот на претстојните седум „рунди“, но конкуренцијата е огромна, а во спортот (и особено во шахот) каде што само едно коло и една партија и само еден потег може да одлучи дали екипата ќе заврши „со штитот или на него“, поради што никогаш не треба да се исклучи и факторот „спортска среќа“, информираат од ШК Алкалоид. Г.И.