Фото: ЕПА

На македонските листи и понатаму доминираат Евгени Романов во машка и Моника Стојковска во женска конкуренција

ШАХ – РЕЈТИНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ ЗА СЕПТЕМВРИ

Американскиот велемајстор (ВМ) Весли Со (2.756 рејтинг-поени, +11 нови за септември) се врати во топ 10 на најновата рејтинг-листа на ФИДЕ за септември, откако го освои „Купот Синкфилд“ и сега е седми, додека Германецот Винсент Кејмер (2.771, +21) за првпат влезе меѓу најдобрите 10, откако го освои турнирот во Ченај и сега е токму 10-ти. Холанѓанецот Аниш Гири (2.746) отпадна од првите 10, а истото го доживеа и Узбекистанецот Нодирбек Абдусаторов (2.748, -23) и сега е 11-ти. Индиецот Арјун Еригаиси се искачи на петтото место, пред светскиот првак Домарају Гукеш. На врвот и понатаму неприкосновен е поранешниот петкратен светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.839), а го следат Американците Хикару Накамура (2.807) и Фабијано Каруана (2.789, +5) и Индијците Прагнананда Рамешбабу (2.785, +6) и Еригаиси (2.771, -5).
Кај шахистките, 10 од топ 13 во светот играа партии, кои се вбројуваа во рејтинг-листата за септември, но со мали промени меѓу најдобрите. Убедливо прва и понатаму е ВМ од Кина, Јифан Хоу (2.609), пред светската шампионка Венјун Ју (2.570), Леи Тингџие (2.565), Жу Џинер (2.548, +12), сите од Кина и Индијката Химпи Конеру (2.535), при што Џинер ја помина Конеру.
На македонската машка листа има мали промени меѓу првите пет. Води ВМ Евгени Романов (2.567, – 5 рејтинг-поени во однос на август), втор е ВМ Трајко Недев (2.475, – 6), трет е ИМ Филип Панчевски (2.428, +2), ИМ Дејан Стојановски (2.412, +5) напредуваше едно место и сега е четврти, а ВМ Александар Чоловиќ (2.407, -7) падна едно место и е петти. Меѓу првите 100, најмногу рејтинг-поени собра Кирил Николовски (2.092, +89) и се искачи од 69-то на 52-то место на македонската листа.
На првите пет места на активната листа кај шахистките веќе не фигурира ЖФМ Весна Секуловска, која беше втора, а кај другите пет нема промени. Прва и понатаму е ЖФМ Моника Стојковска (2.076, +9), а следуваат за едно место погоре ЖФМ Ивана Манова (2.010, -14), ЖИМ Габриела Коскоска (2.002, + 2) и ЖФМ Моника Жежовска (1.995, +22, освои најмногу поени) и Сања Трајковска (1.900). Екипно, шахистите напредуваа за едно место и се 55-ти, со просечен рејтинг на првите 10 од 2.424 поени (исто како во август), а шахистките назадуваа едно место и се 66-ти (1.935, -16). Кај мажите први и понатаму се САД (2.730, +2), пред Индија (2.721, -4) и Кина (2.671, +1), а кај жените, неприкосновена е Кина (2.484, +1), пред Индија (2.407, -8) и Украина (2.382, +1) меѓу 201 шаховска федерација. Г.И.