ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
Двократниот шампион на Тур де Франс, данскиот велосипедист Јонас Вингегор (29), ја освои својата прва титула на трката Париз-Ница, јави „Би-би-си“. Вингегор беше претекнат пред целта на осмата етапа од Французинот Лени Мартинез, но веќе направи доволно за да остане далеку напред во генералниот пласман. Колумбиецот Харолд Тејада, победник на шестата етапа, трет ја помина целта. Победата го става Данецот на позитивна патека пред неговото учество на Џиро д’Италија и на Тур де Франс во мај, односно во јули годинава, пишува „Би-би-си“. Откако етапата во саботата мораше да се скрати поради обилните снежни врнежи, условите беа многу подобри за етапата од 145 км во неделата, која почна и заврши во Ница. Вингегор го предводеше Мартинез да се одвои од пелотонот за последното искачување, но Французинот најде дополнителна брзина за да излезе на врвот во спринтот. Г.И.































