Данецот во завршниот спринт беше побрз од Италијанецот Чиконе
ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ГРАНТУР-ТРКА ВУЕЛТА
Двократниот шампион на Тур де Франс, данскиот велосипедист Јонас Вингегор, беше најбрз на втората етапа на грантур-трката Вуелта (Шпанија). На дождливото искачување од 10 км пред целта, велосипедистот на тимот Висма-Лиз беше побрз од Италијанецот Џулио Чиконе во завршниот спринт во Лимоне-Пиемонте, Италија (три часа, 47 минути, 14 секунди). Трет заврши Французинот Давид Году, сите тројца со исто време. Оваа етапа беше втора од четирите што стартуваа во Италија пред Вуелта да се упати кон Шпанија.
– Помина многу време од мојата последна победа, па сум супер среќен како се чувствувам, како се снајде мојот тим и што ја носам на себе црвената маичка – рече Вингегор по трката, пренесе „Би-би-си“.
Рамната етапа од 157 км од Алба кулминираше со искачување од речиси 10 км со просечен наклон од повеќе од пет отсто, во дождливо време. Британецот Том Пидкок и Вингегор беа и меѓу групата возачи што се лизнаа на асфалтот на кружен тек блиску до последното искачување.
– Се спуштив многу силно, но не се повредив премногу. Имам малку модринки, но немам никакви повреди – додаде Вингегор, кој води со вкупно време од седум часа 56 минути 16 секунди, Чиконе доцни четири, а Году шест секунди.
Вчера, велосипедистите ги очекуваше макотрпно целодневно кривулесто искачување од Сан Маурицио до Черера, на патеката долга 138,5 км. Г.И.