ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ДЕНЕСКА ПОЧНУВА 111. ТУР ДЕ ФРАНС
Најпрестижната велосипедска трка во светот Тур де Франс 2024 почнува денеска со своето 111-то издание. Возачите ќе се справат со седум планински етапи, вклучувајќи возење на Пиринеите, Алпите и Апенините, а ќе минат низ Италија, Сан Марино, Монако и Франција или вкупно 3.492 км распоредени во 21 етапа со два поединечни хрономера. Бидејќи Париз е зафатен со подготовките за ЛОИ во август, нема да има простор за традиционалната завршница на Елисејските полиња во Париз. Наместо тоа, трката ќе заврши во Ница, односно за првпат надвор од главниот град на Франција.
Трката за првпат во својата историја ќе стартува од Италија (каде што ќе се возат три воведни етапи), а по повод стогодишнината од победата на Отавио Ботекија на Тур де Франс, што беше и наедно прва победа на еден Италијанец. Првата етапа ќе се вози меѓу италијанските градови Фиренца и Римини во должина од 206 км.
Најдобрите светски возачи треба да се борат за севкупна победа, со новокрунисаниот победник на Џиро д’Италија, Словенецот Тадеј Погачар (ОАЕ Тим Емирати), кој треба да ги одмери силите со Данецот Јонас Вингегард (Јумбо Визма) и Белгиецот Ремко Евенепул (Судал-Квик Степ), и двајцата во моментов повратници по санирањето на тешките повреди, како и Словенецот Примож Роглич (Бора). Лани на Тур де Франс по вторпат во својата кариера триумфира Вингегард. Г.И.