Целта на овој шаховски ветерански фестивал, кој се состои од три турнири, е со сето потребно достоинство да го одбележиме празникот 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје, кој годинава е јубилеен, 80 изминати години, вели претседателот на ШКВ Скопје 72, Илија Стошевски

ПО ПОВОД ПРАЗНИКОТ 13 НОЕМВРИ

Одбележувајќи го јубилејот 80 години од ослободувањето на Скопје, 13 Ноември, ШКВ Скопје 72 организира ветерански шаховски фестивал наречен „Незаборав за хероите“, на кој можат да настапат сите што не се помлади од 60 години. Јубилејот ќе биде одбележен со три настани. Првиот е еднодневен ветерански турнир (в сабота) со брзо темпо на игра, вториот е ветерански турнир (2-3 ноември) со забрзано темпо, а третиот е ветерански турнир со стандардно темпо на игра, од 7 до 13 ноември. Сите турнири ќе се сметаат за официјални ветерански првенства на Скопје за 2024 година, победниците ќе бидат шампиони за годинава во своите категории и ќе добијат пехар, а првите тројца и признанија. Директор на турнирите е Александар Сидоровски.
– Целта на овој шаховски ветерански фестивал е со сето потребно достоинство да го одбележиме празникот 13 Ноември, Денот на ослободувањето на градот Скопје, кој годинава е јубилеен, 80 изминати години. Фестивалот се состои од три турнира, од кој третиот е главниот на оваа шаховска манифестација. Главен судија ќе биде интернационалецот Иван Кочовски, кој наедно е и наш член. На 13 ноември тричлена делегација на нашиот клуб ќе положи цвеќе на гробиштата на паднатите борци во Бутел, со што ќе им се оддаде достојна почит за нивното херојство. На чинот на отворањето на фестивалот ќе повикаме и видни официјални гости. На тој начин и ние, шаховските ветерани, сакаме да се вклучиме во одбележувањето на овој голем јубилеј – вели претседателот на ШКВ Скопје 72, Илија Стошевски.
Според Стошевски, немањето централен шаховски дом во Скопје во моментов претставува проблем и треба итно да се реши.
– За Шаховскиот фестивал веќе се изготвени пехари, беџови, банери, плакати, на кои има симболи врзани за овој голем историски настан, а поврзани со шахот. Бидејќи Скопје нема централен шаховски дом, што, според мене, е најголем проблем на градот во моментов и кој треба итно да се реши, ние сме подготвени тука искрено да помогнеме, благодарение на ШК Алкалоид, турнирите ќе се играат во нивните шаховски простории, а ќе се користат и нивни шаховски фигури и часовници, за што сме им многу благодарни. Досега ШКВ Скопје 72, со организирање ветерански турнири, ги одбележа празниците 8 Септември, 4 Февруари, кога е роден македонскиот великан Гоце Делчев, потоа Велигденскиот турнир… – вели Стошевски.
ШКВ Скопје 72 и на овој шаховски фестивал ја продолжува соработката со слепите шахисти и со шахистите со оштетен вид.

– За турнирот со стандардно време на игра се повикани да настапат и тројца шахисти, членови на Националната спортска федерација на слепи и лица со оштетен вид на Македонија, со кои имаме потпишано меморандум за соработка. Посебно го каниме еден од нив да биде младиот Стефан Мелник, кој иако не е ветеран, претставува голем шаховски талент. Да напомнам дека ова е трет шампионат за ветерани на Скопје, по 2022 и 2023 година, а победникот ќе добие пехар и парична награда – рече Стошевски.
Балканска ветеранска лига е идниот голем проект на неуморните скопски шаховски ветерани.
– ШКВ Скопје 72 почнува и иницијатива за формирање балканска ветеранска лига, во која може да се пријавуваат екипи со по четири шахисти со две-три резерви и со темпо на игра од еден час по играч. Ќе треба да се одреди нејзиното седиште, да се формира организациски одбор, всушност сѐ што е потребно за да функционира како што треба, што ќе биде големо достигнување за шаховските ветерани, како што тоа го прават во цела Европа ветераните во другите спортови. Мразот го скршивме со одењето на нашиот клуб во Ниш, Србија, каде што одигравме двомеч со тамошните ветерани и сега очекуваме тие да ја возвратат посетата кај нас – вели Стошевски.
Досега на турнирот со брзо темпо се пријавени 25 шахисти (тројца ФИДЕ-мајстори, ФМ), на турнирот со забрзано темпо 27 (четворица ФМ) и на турнирот со стандардно темпо 17 (тројца ФМ). На првите два турнира засега прворангиран е ФМ Јани Богоевски (рејтинг 2.161 во брзо и 2.235 во забрзано темпо), а на третиот Тодор Андонов (2.119). Пријавувањето е во тек. Г.И.


Двомеч со ветераните од Хрватска

Во преговори сме со четворица шахисти од Хрватска, кои ќе дојдат на традиционален шаховски турнир „Опен Скопје 2024“, со кои сакаме пред или по турнирот да одиграме и ветерански двомеч. Оваа иницијатива лично ја поведов поради фактот што во претходните 10 години често играв на турнири во Хрватска, а таму престојував и додека студирав. Во план е и меч со ветераните од Пловдив, Бугарија, вели членот на УО на ШКВ Скопје 72, искусниот ФИДЕ-мајстор и шаховски судија Љубомир Хаџи-Манев.