- Олимписките шампиони од минатото, од Аман до Стох, имаат цел да се натпреваруваат со младите скијачки скокачи на ЗОИ 2026. „Колку далеку можете да скокате не е прашање на возраст“ рече Аман, освојувач на четири олимписки златни медали
На 44 години Симон Аман уште не завршил со натпревари. Тој е ден од најтрофејните скијачки скокачи на сите времиња, со четири олимписки златни медали. Швајцарската ѕвезда повеќе од заслужено го има правото да се опушти. Но, зошто би сакал да го стори тоа кога уште се чувствува ментално подготвено? Физичката состојба на спортистот е едно, но скијачките скокови бараат одредена психолошка цврстина за да се прелетаат сто метри и да се постигне совршено слетување, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
Аман го собори швајцарскиот рекорд на 35-годишна возраст и се качи на подиумот во Светскиот куп (СК) следната година. Сега цели кон осмите зимски олимписки игри (ЗОИ), во Милано и во Кортина д`Ампецо в година.
– Конечно го најдов вистинскиот пристап по долго барање минатата зима. Повторно почувствував како енергијата тече при скокањето. Колку далеку можете да скокате не е прашање на возраст. Големите настани како ЗОИ можат брзо да преплават, и поради историјата што ја носам со себе. Но неверојатно е да се одржуваат ЗОИ во Европа, видовме како беше во Париз со навивачи што ги инспирираа спортистите. Тоа дефинитивно има своја привлечност, морам да признаам – рече Аман за СРФ во септември, пред почетокот на неговата 29-та сезона во скијачки скокови.
Само еден човек освоил златен медал во скијачки скокови на возраст од барем 30 години, а Камил Стох (38) се надева дека ќе замине во пензија со стил на крајот од сезоната, пишува ИОК. Стох објави во мај дека сезонава ќе биде негова последна, осум години откако ја одбрани олимписката титула на ЗОИ 2018. Полската ѕвезда надмина 1.000 поени во шест сезони на СК, освојувајќи го Кристалниот глобус двапати. Сепак, тој не беше во составот на Полска за СП лани. Откако освои сребро на националните првенства во јануари, Стох ќе се соочи со жестока конкуренција за олимпискиот состав против двократниот освојувач на бронзен олимписки медал Давид Кубацки и Павел Васек.
Пензија најави и Австриецот Мануел Фетнер (40), олимписки тимски првак и освојувач на сребрен поединечен медал, кој се натпреварува 25 години. Кариерата на Фетнер почна на новогодишната турнеја „Четири скокалници“ во 2001 година, кога имаше 15 години. Иако Австрија има силен тим, во кој се и олимписките прваци Стефан Крафт и Јан Херл, зошто да не се смета на искуството на Фетнер во она што би биле негови трети ЗОИ, пишува ИОК.
– Секоја година станува малку потешко да се биде во чекор со помладите спортисти. Со Светското првенство во скијачки летови и со ЗОИ, ова би можело да биде совршен начин да ја завршам мојата кариера – рече тој.
Не можеме да зборуваме за мајсторите на скијачките скокови без да го споменеме еден од најголемите, осумкратниот олимпиец од Јапонија, Норијаки Касаи (53). Тој дебитира во 1992 година, а откако ги пропушти ЗОИ 2022, не ја исклучува можноста за деветти ЗОИ во февруари. Тој има два сребрени и еден бронзен олимписки медал и е највозрасен победник на натпревар во СК (во Рука, Финска на 42 години). Тој се натпреварува во Континенталниот куп и неодамна беше четврти на Летното првенство на Јапонија во Сапоро.
– Сега имам над 50 години и уште мислам дека „можам да направам повеќе“, па би сакал да им кажам на луѓето на мои години: „не ограничувајте се“. Да бидам искрен, не сум во врвна форма, но тренирам за да влезам во врвна форма. Свесен сум дека натпреварувањето на ЗОИ нема да биде лесно и мислам дека ќе биде навистина тешко. Сега не сум дел од тимот за СК, па затоа не мислам дека можам да се замислам себеси како се натпреварувам на ЗОИ додека не се вратам како член на тимот за Светски куп – рече Касаи за „Актио Ноте“, пренесе ИОК. Н.М.

































