ШАХ
Шаховскиот клуб на ветерани Скопје 72 славеше на дуелот со шахистите од Националната спортска федерација за слепи и слабовидни лица на Македонија (НСФССМ) во пријателскиот дуел во Скопје (темпото 50 минути, плус 20 секунди по секој потег, секој тим со по шест играчи и три резерви). Првиот меч заврши со победа со 5,5-0,5 (ремизираа Зоран Костадиновски и ФМ Љубомир Илиќ), а вториот со 5-1 (поените ги поделија Санде Атанасов и Илија Стошевски, односно Блаже Атанасовски и ФМ Љубомир Хаџи-Манев).
– Овој двомеч се реализира врз база на меморандумот за соработка помеѓу овие два клуба, а домаќини бевме ние. За разлика од шахистите на НСФССМ, кои настапија без Миле Чапанов, Стефан Мелник и Филип Арсов, ние бевме во топ состав и супериорни во овој меч. Покрај натпреварувачкиот карактер, ова беше и прекрасно дружење, каде што по мечот на заеднички ручек ги искажавме своите импресии и сугестии околу поединечните партии во овој двомеч. Ова беше и добар тренинг и проверка на формата на македонската репрезентација на слепи и слабовидни шахисти за Шаховската олимпијада (ШО) во Србија од 17 до 25 јуни – вели претседателот на клубот ШКВ Скопје 72, Илија Стошевски.
На ШО 2025 досега се пријавени 27 селекции со 139 шахисти. Боите на Македонија ќе ги бранат Жарко Селковски (рејтинг 1.886), Зоран Костадиновски (1.869), Филип Арсов (1,787), Миле Чапанов (1.957) и Стефан Мелник (1.861).
Прв меч: Селковски – ФМ Богоевски 0-1, Костадиновски – ФМ Илиќ реми, Атанасов – ФМ Кралевски 0-1, Атанасовски – Стошевски 0-1, Димов – Тодоровски 0-1, Мишевски – Јовановски 0-1. Втор меч: Селковски – ФМ Илиќ 0-1, Костадиновски – ФМ Кралевски 0-1, Атанасов – Стошевски реми, Атанасовски – ФМ Хаџи-Манев реми, Димов – Ташевски 0-1, Велковски – Сурловски 0-1. Г.И.