КАРАТЕ – ПРЕМИЕРЛИГА
Македонската каратистка и репрезентативка Вероника Костовска (КК Олимпик), предводена од нејзиниот тренер Александар Кузмановски, го освои седмото место на Премиерлигата во Истанбул, Турција. Таа беше и единствениот македонски учесник на турнирот, на кој настапија најдобрите 32 во категориите. Во мошне силната група четири, Вероника извојува три победи над претставнички на ВКФ, Украина и Германија, освојувајќи го првото место и се пласира во четврт-финалето, каде што потоа загуби со 1-3 од Казахстанката Аизахан Бакирова. Сепак, ова е добар почеток на натпреварувачката година за истакнатата македонска каратистка.
– Задоволна сум од прикажаното, од желбата што ја покажав и од начинот на кој ги изработив борбите на татамите. Сепак, не можам да бидам целосно задоволна, бидејќи знам дека можев повеќе и дека со малку спортска среќа, ќе дојдев до борба за медал. Следно е повторно да се вратам во сала и да продолжам да вежбам на подобрување на формата – ни изјави Костовска. Г.И.
































