ШАХ – ЕП ЗА МЛАДИНЦИ
- Вкупно 12 македонски претставници имаат по еден поен, петмина по половина, додека четворица се без освоен поен по две изминати кола
Надежната шахистка Илијана Велева (1.560 рејтинг-поени, 52. пред почетокот) е единствената македонска претставничка од вкупно 24-те учесници (14 шахисти и осум шахистки) на Европското првенство (ЕП) за младинци, кое во возрасните категории до осум, 10, 12, 14, 16 и до 18 години се игра во Будва, Црна Гора. Велева, која игра вo категоријата до 12 години, во првото коло ја победи Црногорката Анита Ровчанин (рангирана 105.), а во второто ја надигра Ерменката Анита Миракјан (1.800, 21.). Во вчерашното трето коло, ривалка ѝ беше Французинката Ана Росет (1.844, 11.). Меѓу 107 шахисти, Велева засега е на 10-то место со два поена и нови 28 р.п., а вкупно 17 се со максимален ефект.
По Велева, најуспешен ефект по две кола од Македонците има младиот Јован Јовановски (1.460, рангиран 43.), кој во категоријата до осум години има 1,5 поен и засега е 25-ти во конкуренција на 91 шахист. Во првото коло беше поуспешен од Црногорецот Андреи Сороченков (рангиран 18.), додека во второто коло ремизираше со Гркот Филипос Борисов (1.596). Вчера играше со Азербејџанецот Канан Бабасој (1.448, 46.). Македонските репрезентативци и големи надежи на ова ЕП, ЖФМ Моника Жежовска (1.995, 21.) и ФМ Антон Златков (2.350, 23.), не стартуваа како што посакуваа. Жежовска забележа два пораза, додека Златков во првото коло загуби, а во второто забележа победа.
Вкупно 12 македонски претставници имаат по еден поен, петмина по половина, додека четворица се без освоен поен по две изминати кола. Во првото коло, од македонските шахисти осуммина победија, двајца ремизираа, а 12 загубија, додека во второто коло, седуммина освоија цел поен, тројца ремизираа, а повторно 12 загубија или вкупно по две кола се забележани 15 победи, пет ремија и 24 порази. На ЕП 2025 ќе играат вкупно 1.169 учесници (14 ИМ, две ЖИМ, 89 ФМ, 35 ЖФМ) од 48 држави. Г.И.


































