- На три кола пред крајот на Мундијалот во Казахстан, таа е на 32-то место на табелата, со пет поени
ШАХ
Надежната шахистка на Македонија, Илијана Велева (1.667 рејтинг-поени, рангирана 55-та пред почетокот на турнирот), членка на Алкалоид, игра сѐ подобро како што се приближува крајот на младинското Светско првенство (СП) во категориите до осум, 10 и до 12 години (момчиња и девојчиња), во Алмати (Казахстан). Велева, во категоријата до 12 години, забележа три победи во низа, со што направи евидентен напредок на табелата, на која фигурираат вкупно 123 шахистки од 51 држава (четири ЖФМ и 14 ЖКМ).
По победата во шестото коло, таа со црни фигури освои цел поен во седмото коло, на дуелот со Казахстанката Аиза Девјатко (1.521, рангирана 92.), а во осмото коло со црни фигури и против нејзината сонародничка Адија Мамеш (1.758, рангирана 34-та). Така, Велева, на три кола пред крајот на Светскиот шампионат го дели 21.-32. место, односно според дополнителните критериуми е на 32-то место со пет поени (има играчки перформанс од 1.690 рејтинг-поени и нови четири рејтинг-поени).
На врвот на табелата на СП 2025 дојде до смена, откако дотогаш водечката, ЖФМ од САД, Лори Кју (1.994, рангирана петта пред СП 2025) во осмото коло загуби на првата табла од Азербејџанката Фатима Елдар Мирзалиева (1.743, рангирана на 37-то место), со што изби во водство со седум поени (забележа шест победи во низа).
На ова силно младинско Светско шаховско првенство во сите категории (до осум, 10 и до 12 години), момчиња и девојчиња, играат вкупно 842 шахисти од 87 држави (еден ИМ, четири ФМ, четири ЖФМ). Г.И.