Симпатизерите на Вардар сигурно се сеќаваат на одбранбениот играч Јован Дробац, кој дојде во „црвено-црниот“ табор во 1965 година и шест сезони ги бранеше неговите бои. Хуго Рушевљанин беше човекот што ширум ја отвори вратата за фудбалерите од поранешните југословенски простори
ОД ФУДБАЛСКОТО МИНАТО (2)
Како што најавив во минатите стории за ФК Вардар, некако чувствувам обврска да ги потсетам љубителите на фудбалот на неколку имиња што ги бранеа боите на популарниот клуб а не беа од Македонија. Во некој од текстовите споменав оти Вардар беше привлечен за сите, па затоа оние помладите негови симпатизери нека не бидат зачудени кога ќе прочитаат дека низ Вардар минале повеќе од 30 фудбалери од поранешните простори на Југославија. Некои од нив остануваа подолго, дури и засекогаш (Шуица и Мутибариќ), други, пак, по краток или нешто подолг престој си заминуваа од Скопје. Но факт е оти секој дојденец во скопскиот клуб беше пречекуван со должна почит и му се даваше шанса да заигра и да ги покаже своите квалитети. Некогаш во изборот на фудбалерите можеше да се направи и некој превид и да не ги задоволи вкусовите на тренерите, па брзо се разделуваше од новата средина. Но такви примери, иако малку, сепак имаше и се случуваше некој да одигра само два-три натпревара и да замине. Таков е фудбалот, во него нема сентименталности, ако те бидува, те бидува и остануваш, ако не, одиш понатаму во потрага на нова средина, која можеби повеќе ќе ти одговара и во која ќе можеш да ја покажеш сета своја вредност.
Рушевљанин отвори нови видици
За разлика, пак, од тие фудбалери, кои не ги исполнуваа очекувањата, имаше неколкумина што не само што одиграа на едно високо ниво туку станаа и миленици на публиката. Минатиот пат пишував за првите „ластовички“ дојдени во Вардар, Јоциќ и Јелисавчиќ, кои не само што ги задоволија вкусовите на навивачите туку станаа и нивни миленици. За голманот Мутибариќ дури и врапчињата на гранките знаат за тоа каков квалитет беше и што претставуваше тој за Вардар. Популарниот Муто беше нешто посебно, нешто што во иднина веќе нема да се случи. Тој ќе остане запаметен како една од најголемите вардарови sвезди. Интересно е дека во времето кога тој стоеше помеѓу стативите имаше други фудбалери дојдени од поранешните простори на Југославија. Среќна околност беше што во тоа време, по скопскиот земјотрес во 1963 година, во Вардар дојде и Хуго Рушевљанин, кој отвори нови видици и комплетно почна да се менува целокупната структура во клубот. Така, стана практика во годините што доаѓаа во Вардар да бидат ангажирани и тренери од другите средини. За Шпиц, Лика, Пазмањ (остана најдолго во Македонија) веќе пишував и помладите симпатизери на клубот имаа можност да прочитаат за нив. По нив, од тренерите што го зедоа кормилото на Вардар би споменал уште двајца, не сметајќи го Илија Димоски, кој не беше дојден од другите југословенски краишта, туку беше наш, Македонец, а тоа се Душан Варагиќ и многу години подоцна Стјепан Бобек.
Во ерата на Рушевљанин, подоцна и на Варагиќ, беа донесени многу квалитетни фудбалери. Така, во еден краток временски период или, поточно, од 1965 година во скопскиот клуб, покрај Драган Мутибариќ, дојдоа и Јован Дробац, Владимир Рац, Лазар Плачков, Душан Шуица и Крсто Врбица. Сите дадоа голем придонес во играта на Вардар во периодот додека ги бранеа неговите бои. Тие заслужуваат да бидат споменати, па еве во следните текстови ќе стане збор токму за нив.
Јован Дробац – офанзивен бек
Гледачите особено знаат да ги ценат оние фудбалери што целосно се вложуваат во играта и настојуваат да го дадат својот максимум. Еден од таквите, кој никогаш не се штедеше и докрај „гинеше“ за клубот беше и легендарниот десен бек на Вардар, Јован Дробац. Тој беше роден во 1941 година во Травац, Лика. Кариерата ја почна во белградски Хајдук, а ја заврши во Галеника од Земун.
– Рушевљанин го доведе Дробац во Вардар, а јас кога дојдов на кормилото на тимот знаев за каков фудбалер се работи и настојував по секоја цена да го задржам во клубот. Тој е квалитетен и пред сѐ исполнителен и борбен фудбалер. Симпатизерите на Вардар го прифатија, а мене како тренер ми остана само да најдам начин да го вклучам што поадекватно во вардаровата „машинерија“. Среќен сум што успеав во тоа, а гледам оти и фудбалерите се задоволни што покрај себе имаат еден таков соиграч – беа зборовите на тренерот Варагиќ по доаѓањето во Скопје.
Интересно е оти и ние новинарите бевме воздржани кога Дробац дојде во Вардар. Да бидам искрен, и мојот тогашен уредник во „Нова Македонија“, Никола Ковачевски, кому Вардар му беше голема слабост и само тој ги пишуваше извештаите од неговите средби, не беше најсигурен дали Дробац ќе биде вистинското решение за тимот. Се чекаше само неговото прволигашко деби на 15 август 1965 година, кога Вардар во првото коло од новата сезона требаше да ѝ се спротивстави на тогаш многу силната Војводина, која во својот состав имаше навистина врвни фудбалери, меѓу кои и неколкумина репрезентативци. Во тој меч Вардар победи со 2-0, а Дробац беше еден од најзабележителните играчи во скопскиот тим. Оттогаш и ние новинарите и симпатизерите на Вардар добивме уште еден миленик. Сите сфатија оти тој ќе биде големо засилување во одбраната, која со него ќе биде поцврста и посигурна. Од тој момент, па додека настапуваше за Вардар, за него беше резервиран дресот со бројот два. Дробац ги освои симпатиите на гледачите, не само по она фудбалското што го имаше во себе туку и по борбеноста. Тој беше бескомпромисен борец, каков што сакаа да имаат сите тренери во својот тим.
Еден од легендарните фудбалери на Вардар, Диме Георгиев, кој истата сезона го имаше и своето деби во прволигашката конкуренција, и денес се сеќава на тој настап на Јован Дробац.
– Сите бевме изненадени од неговата игра. Беше бескомпромисен на десната бековска позиција, онака корпулентен не му дозволуваше никому да помине по неговата страна кон шеснаесетникот. Што е многу интересно, треба да се спомене оти тој не беше само бек што ќе се „закотви“ на својата одбранбена позиција, туку, за разлика од многу други бекови, знаеше да биде офанзивен и да помине во напад, дури и да постигне гол. Очигледно беше оти искуството што го имаше од настапите во неговиот претходен тим, белградски Хајдук, многу му помогна – вели Диме.
Со оглед на тоа што Георгиев во годините за кои станува збор, од средината на 1960-тите до средината на 1970-тите години, беше стандарден првотимец и имаше постојана комуникација со новодојдените фудбалери, тој многу ќе ми помогне во следните текстови што поавтентично да ги интерпретирам сите моменти што се интересни не само за вардаровите симпатизери туку, воопшто, и за пошироката фудбалска јавност.
Eден од најстандардните во Вардар
Во првата сезона во Вардар, Дробац забележа 29 настапи, колку што имаа и капитенот Мето Спасовски и Живко Поповски-Чик, кого фудбалските љубители малку го подзаборавија. Но, тој беше вреден, исполнителен и фудбалски поткован. Впрочем, тој фудбалските вештини ги добиваше играјќи со другарите низ дебармаалските улици, каде што најубаво можеше да се почувствува „мирисот“ на фудбалската топка. Потоа, стана и новинар во „Вечер“, па така, и кога ја заврши фудбалската кариера, професијата му овозможи и понатаму да остане со спортистите. Направив една дигресија, па малку се оддалечив од кажувањата за Дробац, но сметам оти токму овде беше местото да се каже нешто и за популарниот Чик, кој заслужува да биде претставен и многу повеќе. Но, тоа ќе го сторам кога повторно ќе се вратам на вардаровите легенди што поникнаа овде, во Скопје, низ маалските улици.
Дробац настапуваше за Вардар од 1965 до 1970 година и одигра вкупно 199 натпревари, од кои 145 првенствени, во кои постигна шест гола. По испаѓањето на Вардар од Првата лига во 1970 година, тој замина и ја продолжи кариерата во други клубови. Од оние години кога Дробац ги бранеше боите на скопскиот клуб, Вардар најдобар пласман во Првата лига имаше во сезоната 1967/1968, кога беше шести, што му овозможи да ја претставува поранешна Југославија на меѓународната сцена, во Средноевропскиот (Митропа) куп. Вардар во овој куп одигра четири натпревари, два со австриски ЛАСК и два со италијански Калјари. Со ЛАСК во Линц ремизира 0-0, во Скопје победи со 2-0, а со Калјари и дома и на гости оствари победи со по 1-0. Токму овие резултати, кои не беа за потценување, му ја отворија врата на Вардар и следната година да настапи во истиот куп, во кој одигра два меча со Адмира од Виена. Во првиот натпревар во Скопје беше 2-2, а во вториот Адмира победи со 2-0. Јован Дробац ги одигра сите овие натпревари и беше еден од најзабележителните фудбалери, па затоа не беше ниту чудно што за него пројавија интересирање Австријците, но тој не замина и остана уште една сезона во Вардар. За жал, следната година (1970) скопскиот тим испадна од Првата лига, па тоа беше една од причините по пет успешни сезони Јован Дробац да замине од Вардар. Но останаа сеќавањата на него, а идните генерации кога ќе ја прелистуваат историјата на Вардар нека не се зачудат кога ќе стигнат до биографијата на борбениот личанец Дробац и кога покрај неговото име ќе прочитаат дека тој за нивниот миленик одиграл дури 199 натпревари, од кои 145 првенствени. Неколку години по заминувањето од Вардар, Дробац почина.
Идната недела ќе се потсетиме на Лазар Плачков, кој остави трага во македонскиот фудбал не само како играч туку и како тренер.