Првиот кајакарски клуб во Македонија формиран во 1934 година го носеше името Вардар, а прв претседател беше Димитрие Ставриќ. Незаборавно искуство од спустот на реката Рајна
Поглед кон минатото (2)
Реката Вардар беше инспирација многу клубови што се формираа во Македонија, без оглед во кој спорт, да го носат името на нашата најголема река. Меѓу нив, секако, најголема популарност доби фудбалскиот клуб, кој под тоа име егзистира од 1947 година. За тоа што значи овој колектив во целокупното спортско живеење кај нас не треба да се трошат зборови, зашто и „врапчињата на дрвјата“ знаат оти тоа е клуб во најпопуларниот спорт со сите наши македонски обележја. Меѓутоа, многумина, дури и оние што будно ги следат спортските случувања кај нас, ќе се изненадат кога ќе прочитаат оти и првиот кајакарски клуб основан во 1934 година го носи името Вардар. Овде можеби и не треба многу да се чудиме, зашто, сепак, прилега еден клуб од водните спортови да го носи името на реката што за оваа наша Македонија значи живот и инспирација за многу текстописци и музички творци за компонирање особено патриотски песни. Таа се вградува и во нашиот идентитет како Македонци. Некогаш да се спомене само името Вардар веднаш ќе стане јасно за кој народ станува збор.
Димитрие Ставриќ, прв претседател
Првиот кајакарски клуб на наша почва е формиран од група ентузијасти, кои ги предводел Димитрие Ставриќ, инаку тогашен директор на Народната банка во Скопје. Тој бил човек со многу идеи, а имал можност да ги доразвие нив и преку контактите со своите пријатели од Белград и други места во кои веќе на големо бил развиен кајакарскиот спорт. Неговиот предлог за формирање клуб бил прифатен од најблиските другари, Драган Стојанов, Светислав Газикаловиќ, Милан Дамјановиќ и Василие Чемерикиќ, и веднаш се тргнало кон реализација на иницијативата. За името на клубот немало никакви колебања, сите биле едногласни тој да се вика Вардар, зашто така ќе бидат препознатливи и веднаш ќе се знае од каде доаѓаат кајакарите на тој клуб.
Интересно е оти со формирањето на кајак-клубот Вардар паралелно се работело на отворање на една работилница во која би се изработувале кајаците. Откако и оваа работа била реализирана, од работилницата со која раководел Димитрија Јоноски набрзо излегле и првите кајаци наречени „вардарки“. Тоа било уште едно изненадување за младите скопјани, кои најчесто во текот на летото го минувале времето во паркот покрај Вардар. Тие биле восхитени од кајаците што создавале прекрасна глетка кога ќе запловеле по водите на Вардар. Овој спорт, кој дотогаш во Скопје не бил практикуван, веднаш го привлекол нивното внимание и веќе во почетокот на работата клубот почнал со регистрација на првите членови.
За да биде уште попривлечно, работилницата почнала да произведува и кајаци на расклопување од дрво и гума. Тој кајак наречен „буки“ станал многу популарен. Тоа бил кајак-двосед, квалитетно изработен и по ништо не се разликувал од оние слични кајаци што се изработувале во фабриките низ Европа.
Кајакот „буки“ давал можност за кајакарење во секакви услови, дури и на најбрзите речни корита. Набрзо поради големото интересирање за овој спорт, а секако и поради возбудата што може да се доживее веслајќи низ немирните води, биле организирани спустови по Вардар и по Треска.
Спустовите, предизвик за кајакарите
Инаку, првиот спуст по Вардар се одржал на дестинацијата од Скопје до Зелениково. Според пишувањето на Душко Симоновски, актери на овој потфат биле Василие Чемерикиќ и Милан Дамјановиќ. Потоа се одржувале и спустови по должината на течението на реката дури и до Солун. Во својата книга посветена на развојот на кајакот во Македонија, Симоновски вели оти запознавањето со Дамјановиќ, кој бил секретар и еден од основачите на веслачкиот клуб Југ во Охрид, за него било од големо значење. Од него, кој инаку живеел во Белград, дознал многу работи и детали што ја разјаснуваат сликата за развојот на кајакарскиот спорт кај нас. На пример, во еден текст во хрватското списание „Једра“, Дамјановиќ меѓу другото пишува дека кајакарскиот клуб Вардар прво бил сместен во една куќа на левиот брег на Вардар во Еврејско Маало, во близината на стариот Народен театар, а не кај градската плажа во вториот дел од Градскиот парк. А потсетува и на тоа оти не случајно Македонија во името на д-р Миодраг Ставриќ, за жал покоен, добила еден од најпознатите кајакарски работници. Тој, всушност, го продолжил патот што во триесеттите години од минатиот век го трасирал неговиот татко Димитрие со другарите. Таткото и синот, Димитрие и Миодраг, оставија толку голем и траен белег, што длабоко се врежани во нашиот кајакарски спорт.
По првиот спуст до Зелениково, подоцна почнале да се организираат спустови и на поголема дистанца. Така, ги бележиме и оној од Скопје до Велес, а потоа до Демир Капија, Удово и до Гевгелија. Од сите тие посебно место, според интересирањето на кајакарите, остави Илинденскиот спуст од Скопје до Гевгелија, организиран на 2 август во 1953 година. На него учествувале дури 20 кајакари од Охрид, Велес, Гевгелија и од Скопје. Меѓу учесниците биле подоцнежните македонски кајакарски шампиони Милош Петков, Миодраг Ставриќ, Јашар Кумбараџи (долгогодишен носител, како секретар на сите административни активности на Кајакарскиот сојуз), Усни Хајри, Доко, Димче Веровски и Ацо Главинчев од Охрид, потоа Живко Пановски и Бошко Босилков од Велес, Ване Иванов и Трајко Ќупенков од Гевгелија.
Незаборавен спуст на Рајна со Германците
Интересен момент се случува со доаѓањето во Македонија на еден од првите луѓе на Кајакарската федерација на Германија и авторитет во меѓународниот кајакарски спорт, Хелмут Волф. Тој во 1960 година при престојот во Скопје остварил контакти со нашите кајакарски функционери, а го посетил и бродарското друштво „Мирче Ацев“, кое се наоѓало непосредно до кампот покрај Вардар, каде што бил сместен Волф со својата екипа. Тогаш, тој неочекувано се обратил со молба, доколку е можно кон неговиот тим да се приклучат и наши кајакари за да изведат еден спуст од Скопје до Гевгелија. Тоа било прифатено и двата екипажа тргнуваат на неизвесното патување. Сѐ се одвивало беспрекорно, Волф бил презадоволен од целокупниот пејзаж што го видел за време кајакарењето и на разделба во Гевгелија, пред Германците да продолжат за Солун ветил оти ќе ги покани нашите кајакари на еден голем спуст во Германија. Кога мислеле оти се заборавени од Германецот, неочекувано по една година дошла покана од господинот Волф, наша екипа да учествува на спустот на реката Рајна. Тоа се остварило и оттука почнува поактивна соработка на нашиот Кајакарски сојуз со националните федерации на европските земји.
Кога се навраќаме на спуст-маратонот во Германија да се потсетиме на имињата на кајакарите што учествуваа на ова напорно и неизвесно патешествие. Пред стартот на спустот заедно со домаќините од кајакарскиот клуб Рајнбудер, домаќинот Волф состави два екипажа од по шест кајакари, што требаше да пловат во два кану-кајака. За автентично да го пренесам како изгледало сето тоа, користам фрагменти од книгата на Душко Симоновски. „Јас со еден Германец Штефан и неговата сонародничка Кристина, заедно со Томе Чемерикиќ, Маки Ефтим Угриновски и Блаже Младеновски, вкупно шест, бевме во едното, а во второто кану беа Миодраг Ставриќ, Јурај Волак, Павле Кондратенко, Јегид Кумбараџи и една комбинирана двојка, машко и женско од страна на домаќините“, пишува во книгата Душко.
„Од собирното место карванот со возила се упати кон стартот, кој всушност беше на француска територија, од каде што по реката Мозел, притока на Рајна, го почнавме спустот, во првата етапа која беше и најнапорна во должина од 76 километри. Беше напорно, но сѐ помина во најдобар ред. Домаќинот Волф следниот ден пред стартот во втората етапа нѐ информира оти етапата ќе се одвива од Стразбур (Франција) до Карлсруе (Германија) во должина од 63 километри, а ќе имаме едно застанување за ручек и вечера, потоа во првиот камп на брегот ќе нѐ очекуваат наместени шатори за спиење. Третата етапа од Карлсруе до Манхајм беше во должина од 66 километри. Овде бевме топло пречекани со песни и музика од домаќините. Тука преноќивме во клупскиот парк. Следната етапа од Манхајм до Дармштад беше најкуса, 35 километри. Овде беше интересно што непосредно по Дармштад наидовме на два града. На левата страна од реката беше Мајнц, а на десната Визбаден, каде што се наоѓаа клупските простори во кои ноќевавме. Другиот ден помина низ прошетка и фотографирање пред прекрасната катедрала. Утредента веќе стартувавме во петтата етапа од Визбаден до Бахарах долга 40 километри. Оваа делница низ прекрасниот предел ни помина најлесно, бидејќи се „закачивме“ за еден шлепер. Но овде ја промашивме и целта, продолживме уште шест километри, па господин Волф испрати камион да нѐ „собере“ и да нѐ довезе во кампот. Во шестата етапа од Бахарах до Кобленц, 56 км, имавме можност да се одушевуваме на познатиот Марксбуршки замок. Потоа дојде седмата етапа со цел во Мехелем место блиску до Бон. Оттука пловниот карван замина кон Диселдорф, Дуизбург, Рес, каде што влеговме во Холандија и запловивме низ канал до Архајм. Оттаму продолживме кон Вианен. Овде веќе се ближевме кон Амстердам, но со оглед на тоа што одевме низ канал требаше многу да се весла. Тринаесеттата и последна етапа долга 43 км беше на еден друг канал по кој стигнавме до Амстердам. Целото ова патешествие траеше од 20 јули до 5 август 1961 година. Откако се одморивме по напорното кајакарење по Рајна и по холандските канали, Волф со домаќините од Холандија организира неколку прошетки до Северно Море и до градот Петен, кој е 60 км оддалечен од Амстердам. Конечно, на 14 август со воз тргнавме кон татковината“, пишува во својата книга Душко Симоновски.
Нема сомнение, импресивно и незаборавно патешествие за сите членови на македонскиот кајакарски екипаж, кој во далечната 1961 година го изведе подвигот и кајакареше стотици километри по реката Рајна, нејзините притоки и холандските канали. Ова, верувам, меѓу кои бев и јас, малкумина го знаеја.