Вкупно три ВАР-соби, сервер и контролна просторија се веќе направени по стандардите на ФИФА, пишува ФФМ
ФУДБАЛ – ДЕНЕСКА ПОЧНУВА НОВАТА СЕЗОНА
Во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) официјално беше промовиран системот видеопомошник судија (ВАР), кој првпат во историјата на македонскиот фудбал ќе почне да се применува во новата сезона во Првата лига, пишува ФФМ. Вкупно три ВАР-соби, сервер и контролна просторија се веќе направени по стандардите на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, заедно со Дејан Јакимовски, лидер на ВАР-проектот, и Јосип Бартон, претседател на комисија за делегирање судии, ги сподели деталите за имплементацијата на ВАР.
ФФМ заедно со ВАР-системот обезбеди и репортажно возило, кое ќе може да се користи за ТВ-пренос на натпревари. Првиот човек на македонскиот фудбал Масар Омерагиќ изрази задоволство од имплементираната ВАР-технологија. Омерагиќ вети дека првото нешто на кое ќе работи ќе биде ВАР-системот и за кратко време успеа да го исполни ветувањето, пишува ФФМ.
– ВАР-системот во Македонија конечно стана реалност. Горд сум на тимот во федерацијата, кој 24/7 работеше на овој проект. Ја набавивме целосната потребна технологија, имаме три модерни соби и контролна просторија. За овие три месеци направивме огромна работа. На многу поголеми федерации од нашата им беше потребен многу подолг период за да го спроведат ВАР-системот. Затоа ФИФА и УЕФА ни оддадоа признание, не им се веруваше дека за толку кратко време ќе успееме да го реализираме овој голем проект – изјави Омерагиќ, пренесе ФФМ.
Новата сезона, вкупно 34-та досега, почнува денеска, со дуелите Шкендија – Шкупи (17 часот) и Вардар – Пелистер (20 ч.), а другите двојки од првото коло се Башкими – Арсими, Струга – Македонија ЃП (двете утре од 17.30 ч.), Тиквеш – Работнички (недела, 17.30 ч.) и Силекс – АП Брера (понеделник, 17.30 ч.). Н.М.