ЏУДО
Европското првенство за кадети и кадетки, од 26 до 29 јуни, ќе биде настан од највисок ранг што досега воопшто се одржал во џудо-спортот кај нас. На кадетското ЕП 2025 ќе биде присутна целата европска и светска џудо-елита, на чело со претседателот на Европската џудо-унија, г. Ласло Тот
Првпат во Македонија ќе се организира Европско кадетско првенство во џудо, најголемо првенство од овој карактер во 2025 година, според нашето скромно мислење, настан над сите спортски настани во Македонија. Европа доаѓа во Скопје и ние мораме да ја оправдаме довербата, вели Дејан Мицкоски, спортскиот директор на Македонската џудо-федерација (МЏФ).
Европското првенство за кадети и кадетки, Скопје 2025, кое ќе се одржи од 26 до 29 јуни, ќе биде настан од највисок ранг што досега воопшто се одржал во џудо-спортот кај нас. Натпреварувањето ја опфаќа возрасната категорија кадети во машка и во женска конкуренција, родени од 2008 до 2010 година со вкупно 16 тежински категории (по осум во машка и во женска категорија). Борбите ќе се одвиваат во поединечна и во екипна конкуренција. Официјалното пријавување на учесниците е почнато и во согласност со пропозициите завршува денеска и веќе на 12 јуни ќе се знае официјалниот број на учесници, држави и официјални лица. Во согласност со правилата и пропозициите на ова ЕП право на учество имаат сите 51 џудо-федерација од исто толку држави членки на ЕЏУ со максимален број спортисти за учество 20, а во тежинските категории максимумот е двајца џудисти по држава-репрезентација. Ова повлекува и исполнување одредени услови како што се поседување официјална ИД-картичка, лиценцирани кимона и официјални бек-бројки како задолжителна опрема за настап на натпревари од ваков ранг за секој спортист.
– Стручниот тим при Македонската џудо-федерација е во координација и ги врши последните консултации за изборот на нашите репрезентативци што ќе ја претставуваат нашата држава. Бројката за настап е вкупно 16 учесници со цел да им се даде можност на повеќе наши спортисти од оваа возрасна категорија да настапат на едно вакво престижно првенство, да бидат во друштво со најдобрите европски џудисти и шампиони, што би претставувало еден дополнителен мотив за понатаму за нашиот млад кадетски тим. Кога зборувам млад тим морам да појаснам дека поголемиот дел од нашиот состав се џудисти, прва или втора година кадети, кои допрва влегуваат во сериозниот и професионален дел од џудо-спортот, на кои ќе им требаат вакво искуство и настапи од ваков ранг за да го трасираат патот за понатаму. Всушност нашата кадетска репрезентација оваа година имаше промена на генерација каде што еден добар дел од поискусните кадети преминаа во возрасната категорија јуниори и сега со еден ваков подмладен состав влегуваме со елан за давање можност пред домашната публика да се докажат нашите спортисти и пред сѐ достојно да ги презентираат нашата држава и македонското џудо. Во делот поединечно за нашите фаворити и очекувања стручно мислење и процена дополнително ќе даде селекторот на кадетската репрезентација, Игор Паскоски – вели Мицкоски.
Од МЏФ потенцираат дека за кадетското првенство, кое според многумина е најпосакуваното во многу европски држави, конкурираа шест европски држави, но со добрата поставеност и лобирање на управата на Македонската џудо-федерација, предводена од претседателот Владимир Трпаноски, на Македонија ѝ беше доделена организацијата на ова Европско кадетско првенство во џудо, во Скопје, која ја доби како заслуга за добрата организација на претходните два европски јуниорски купа.
На овој настан ќе биде присутна целата европска и светска џудо-елита, на чело со претседателот на Европската џудо-унија (ЕЏУ), г. Ласло Тот. Се надеваме дека и овој пат ќе ја оправдаме довербата на ЕЏУ и повторно ќе блеснеме како добри домаќини и организатори на овој европски и светски џудо-настан, велат од МЏФ. Н.М.