На турнирот настапија пет клуба од Македонија, Србија и од Хрватска. За најкорисен играч (МВП) на турнирот е прогласен Иво Бедалов (Медвешчак), најефикасен играч е Боже Гале (Медвешчак) со 17 гола, а најдобар голман е Милош Радовиќ (Расина)

ВАТЕРПОЛО – МЕЃУНАРОДЕН ПИОНЕРСКИ ТУРНИР „13 НОЕМВРИ“

Екипата на Медвешчак од Загреб (Хрватска) победи на дводневниот пионерски ватерполо-турнир (возрасна категорија до 14 години), кој по повод празникот 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје, по 37. пат се одржа во базенот „Карпош“ при СЦ „Борис Трајковски“, во организација на ПВК Локомотива од Скопје.
На турнирот настапија пет клуба, од Македонија и од Србија по два и еден од Хрватска. Медвешчак ги победи сите ривали. Второто место му припадна на Ниш со шест, трета е Локомотива со четири, четврта Расина со два и петти е Вардар без освоен бод.
За најкорисен играч (МВП) на турнирот е прогласен Иво Бедалов (Медвешчак), најефикасен играч е Боже Гале (Медвешчак) со 17 гола, а најдобар голман е Милош Радовиќ (Расина).
– Турнирот помина во предобра организација. Победничките екипи и најдобрите поединци добија пехари. Медвешчак заслужено победи. Тоа е екипа што отскокнуваше со четворица репрезентативци во оваа категорија и во сите категории е меѓу првите три во Хрватска. А Ниш има еден.
Задоволни сме што соработуваме со нив и во иднина да ги стигнеме и да го подигнеме овој спорт – вели спортскиот директор на организаторот на овој турнир, ПВК Локомотива, и координатор на стручниот штаб на клубот, Боро Стефановски.
Резултати: Наис (Ниш) – Медвешчак (Загреб) 6-17, Вардар 8 (Скопје) – Расина (Крушевац) 4-16, Локомотива (Скопје) – Медвешчак (Загреб) 9-18, Наис (Ниш) – Вардар 8 (Скопје) 19-3, Локомотива (Скопје) – Расина (Крушевац) 11-6, Вардар 8 (Скопје) – Медвешчак (Загреб) 2-21, Наис (Ниш) – Расина (Крушевац) 15-4, Локомотива (Скопје) – Наис (Ниш) 10-20, Расина (Крушевац) – Медвешчак (Загреб) 4-19, Локомотива (Скопје) – Вардар 8 (Скопје) 16-7. Г.И.