фото: Нова Македонија

ТУРНИРИ ВО БРЗ И ВО ЗАБРЗАН ШАХ

Американскиот шахист Левон Аронијан убедливо победи на турнирот во брз и во забрзан шах во Сент Луис (САД), во рамките на Големата шаховска турнеја, со три поени предност пред неговиот сонародник Фабијано Каруана. Последниот настан во забрзан и во брз шах за 2025 година вклучуваше шест играчи од целата турнеја и четири со вајлд-карта. Се играа девет кола во забрзан (два бода за победа, еден за реми), проследени со 18 кола во брз шах (еден бод за победа).
Забрзаниот турнир се претвори во возбудлива трка помеѓу Каруана и Аронијан. Откако го победи својот ривал во меѓусебен дуел, Каруана беше на врвот на табелата со резултат 14/18, а Аронијан заостануваше еден бод, но ја продолжи својата силна форма на брзиот турнир, добивајќи ги двете партии против Каруана и обезбедувајќи ја победата две кола пред крајот на турнирот. Каруана е втор, со половина поен пред Французинот Максим Вашер-Леграв, кој, и покрај тоа што беше шести на брзиот турнир, ја задржа третата позиција во генералниот пласман и, благодарение на тој резултат, се искачи на врвот на табелата на Големата шаховска турнеја, најверојатно обезбедувајќи си билет за финалето на турнејата во Сао Паоло. Узбекистанецот Нодирбек Абдусаторов, кој го почна брзиот турнир како седми, направи извонреден скок и го освои четвртото место, половина поен зад Вашер-Леграв.
Табела: Аронијан 24,5 бода, Каруана 21,5, Вашер-Леграв 21, Абдусаторов 20,5, Со 19, Гукеш 18, Ле 18, Домингез 15,5, Опарин 13, Шанкланд 9. Г.И.