По завршувањето на Европското првенство за кадети, претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Владимир Трпаноски, ја изрази својата гордост од одржаниот спортски настан, како и од перформансите и духот на македонската селекција во оваа силна конкуренција, пренесе Европската џудо-унија (ЕЏУ).
– Верувам дека организацијата на овој настан беше одлична во текот на четирите дена. Сѐ помина непречено од наша страна, но, секако, сега чекаме официјална оценка и од ЕЏУ. Нивните повратни информации ќе потврдат колку добро навистина се претставивме. Бевме сведоци на многу квалитетни натпревари и видовме појава на ветувачка нова генерација. Верувам дека Скопје сега е официјално дел од историјата на кадетското џудо – изјави Трпановски, пренесе ЕЏУ.
Тој се осврна и на настапот на македонската репрезентација.
– Вистина е дека овој пат не освоивме медал, но кога станав претседател, избрав поинаков пат. Во тоа време ни недостасуваа силни натпреварувачи и немавме голема база на џудисти во Македонија. Затоа се фокусирав на популаризација на спортот и носење големи настани во земјата. Почнавме со успешно организирање европски купови. Откако демонстриравме силни организациски вештини, ЕЏУ ни ја даде својата доверба да бидеме домаќини на ова ЕП. Ова не е само настан туку е пресвртница. Со ова, градиме видливост, го носиме џудото во јавноста и охрабруваме повеќе млади луѓе да им се приклучат на нашите клубови. Пишуваме ново поглавје во македонското џудо. Неверојатно сум горд. Нашиот организациски тим работеше без престан два месецa, дење и ноќе, фокусирајќи се на секој детаљ. Ние сме мал тим, но многу компактен и ефикасен. Верувам дека нивото на организација зборува само за себе. Истото тоа важи и за нашите џудисти, горд сум и на нив. Повеќето од нив никогаш претходно не доживеале натпревар од ова ниво. Покажаа дисциплина, храброст и вистински потенцијал. Верувам дека ова искуство ги мотивираше и дека ќе се вратат на тренинзите со уште поголема посветеност и фокус на идните резултати – изјави Трпаноски. Г.И.