Еден од најголемите меѓународни настани во Македонија годинава ќе се одвива под слоганот „Младите ѕвезди на иднината“

ЏУДО

Во Скопје, од 26 до 29 јуни годинава, ќе се одржи Европското првенство (ЕП) во џудо за кадети. Еден од најголемите меѓународни настани во Македонија годинава ќе се одвива под слоганот „Младите ѕвезди на иднината“. Претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Владимир Трпаноски, очекува рекорден број учесници на еден ваков турнир и можност за промоција на нашата држава. Македонија ја доби организацијата на првенството во конкуренција на шест други држави.
– Сите подготовки одат во најдобар ред. Од 51 земја членка на Европската џудо-федерација (ЕЈУ), досега 19 се пријавени за настап во Скопје. Се разбира, роковите не се истечени, има време да се пријават и други, но она што е посебно важно за нас е дека најдобрите и најквалитетни федерации, како Грузија, Азербејџан, Германија, Франција, Швајцарија…, веќе го потврдија своето учество. Околу 400 луѓе го потврдија своето доаѓање, вклучително и првите луѓе на Европската џудо-федерација, така што очекуваме рекорден број учесници на едно кадетско првенство. Реално очекувам барем 40 земји да се натпреваруваат во Скопје – изјави Трпаноски.
Тој, исто така, рече дека на 12 јуни ќе учествува на Конгресот на Светската џудо-федерација (ИЈФ), во рамките на Светското првенство (СП) во Будимпешта, па таму ќе има можност повторно да се сретне со своите колеги и да ги добие сите дополнителни информации околу конечната листа на учесници.
– Ние се подготвуваме максимално сериозно, бидејќи во џудото владеат високи критериуми, кои мора да се испочитуваат. Кај нас многу малку се знае за овој аспект, па токму затоа сакаме да ѝ покажеме на пошироката јавност дека не станува збор само за благороден спорт туку и одлично организирана џудо-заедница на глобален план. Наедно сакаме да ја оправдаме одличната доверба што ја имаме кај Европската федерација, особено по организацијата на двата џудо-купа кај нас, кога се создадоа услови да се кандидираме и за Европското првенство. Тука сакам да потенцирам дека ова Европско првенство ќе биде извонредна можност за промоција на Македонија. Имено, кадетите како натпреварувачка категорија се најмногубројни во системот на џудото. Ако се земе предвид дека на светската сцена воопшто доаѓа до смена на генерациите, тогаш е разбирливо зошто токму на кадетите им се посветува големо внимание во џудото и оттаму доаѓа големата и сериозна заинтересираност за учество на првенството во Скопје – вели претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија, Трпаноски. Г.И.