Сите во нашата федерација се многу мотивирани, луѓето сега многу повеќе зборуваат за џудото. Поради таа причина, мислам дека тоа ќе има позитивен ефект, изјави претседателот на ЏФМ, Трпаноски, за Европската џудо-унија. Македонија годинава беше домаќин на кадетски, јуниорски и на сениорски спортисти, не само за годишни настани туку и за големи првенства и, секако, во Македонија се одржа и ЕМОФ, пишува Европската џудо-унија
ЏУДО – ПРЕД ЕВРОПСКИОТ КУП ЗА СЕНИОРИ ВО СКОПЈЕ
Македонија ќе ја памети 2025 година како една од најсилните и највозбудливи години за Џудо-федерацијата. Македонија беше домаќин на кадетски, јуниорски и на сениорски спортисти, не само за годишни настани туку и за големи првенства и, секако, во Македонија се одржа и Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), пишува Европската џудо-унија (ЕЏУ), на својата официјална интернет-страница.
Сега, на нешто помалку од шест недели до почетокот, Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) повторно се подготвува да биде домаќин, овој пат на Европскиот куп за сениори, кој е планирано да се одржи на 20 и на 21 септември во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Регистрацијата е отворена само уште четири недели, пишува Европската џудо-унија.
Претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија, Владимир Трпаноски, е уверен дека овој спорт ќе продолжи да расте во својата популарност, пренесе ЕЏУ.
– Мислам дека оваа година сите настани што ги организиравме ќе имаат големо влијание врз џудото во Македонија. Aко го споредиме со другите спортови, мислам дека сме на врвот. Сите во нашата федерација се многу мотивирани, луѓето сега многу повеќе зборуваат за џудото. Поради таа причина, мислам дека тоа ќе има позитивен ефект – изјави Трпаноски за Европската џудо-унија.
Ова, секако, е само знак дека Скопје полека повторно се подготвува да пулсира во знакот на џудото, а македонските љубители на овој спорт уште еднаш да уживаат во возбудливите борби, кои ќе можат да ги проследат на татамите. Г.И.