Фото: МОК

Допрва ќе следува анализа во МОК, односно кога сето тоа ќе го сумираме, и делот на МОК и делот на луѓето што ги водеа македонските олимпијци од секоја спортска федерација, вели Богоевски

ВЛАДИМИР БОГОЕВСКИ, СПОРТСКИ ДИРЕКТОР НА МОК

Летните олимписки игри (ЛОИ) Париз 2024, на кои настапија вкупно 1.0715 спортисти, во неделата навечер, во присуство на над 9.000 спортисти, и официјално беа затворени. Во Париз настапија и шестмина македонски претставници, кои се натпреваруваа во шест различни спорта. Не беше повторен успехот од претходните Игри во Токио, кога таеквондистот Дејан Георгиевски се закити со сребрен медал, прв од ЛОИ во независна Македонија. Како и кај другите земји учеснички, така и за македонскиот настап допрва ќе следува анализа за оствареното во Париз.
– Како што е познато, на овие Летни олимписки игри (ЛОИ) во Париз 2024, Македонија настапи со шестмина учесници. Од сите нив, лично сум задоволен од тројца натпреварувачи, додека другите тројца не ги оправдаа очекувањата. Но таа анализа во Македонскиот олимписки комитет (МОК) допрва ќе следува, односно кога сето тоа ќе го сумираме, и делот на МОК и делот на луѓето што ги водеа македонските олимпијци од нивната спортска федерација. Чекам нивен извештај, па да донесеме конечен заклучок за настапот на македонските спортисти на ЛОИ во Париз – вели спортскиот директор на МОК, Владимир Богоевски.
Според Богоевски, за кого организацијата на Игрите во Париз била добра, македонските спортисти потфрлиле во пливањето, џудото и борењето.
– Според мене, од македонските учесници потфрлија младиот пливач Никола Ѓуретановиќ, од кого на ваква голема спортска манифестација очекував да биде помотивиран и барем најмалку што можеше да направи, беше да го подобри својот личен рекорд. Втор што разочара е џудистот Еди Шерифовски, а трет, секако, борачот Владимир Егоров, од кого очекував многу, оти беше и најголем адут на Македонија за освојување медал со оглед на неговото искуство и квалитети што ги поседува – дециден е Богоевски.
Скопје следната година ќе биде домаќин на значаен меѓународен спортски настан, а тоа се Европските младински олимписки игри, на кои се очекува да учествуваат над 4.000 спортисти во 14 олимписки спорта.

– Во вторникот се вративме од Париз и полека се аклиматизираме во нашата средина. Сѐ уште е многу рано да се говори за тој настан што нѐ очекува, но можам само да кажам дека на овие Игри во Скопје 2025 ќе настапат 48 земји, без Русија и Белорусија. Барем засега, можеби в година ќе се смени политиката и кон овие две држави. Главен организатор на овие Игри се градот Скопје и Владата на Македонија, а МОК како коорганизатор, заедно со нашите спортски федерации, ќе настојува да му помогне на градот Скопје сето тоа да помине како што треба. Македонија досега има учествувано со свои спортисти, како на Летни така и на Зимски светски младински олимписки игри – појаснува Богоевски.
Како што е познато, по ЛОИ во Париз 2024, сега вниманието е свртено кон следниот олимписки настан, а тоа се Светските младински олимписки игри, кои ќе се одржат во Дакар (Сенегал) и ќе траат две недели, почнувајќи од 31 октомври 2026 година. Игрите ќе се одржат на три локации, Дакар, Диамнијадио и Сали, и имаат цел да инспирираат нова надеж, можност и доверба кај младите луѓе низ Африка и да направат план за идните домаќини на ваквите Игри. Овој пристап е преточен и во мотото на овие Игри, „Африка добре дојде, Дакар слави“. Г.И.