Гранпри-трката првпат се појави во шампионатот на Формула 1 во 1967 година, а патеката „Жил Вилнев“ стана постојан домаќин на трка во Формула 1 во 1978 година
ФОРМУЛА 1
Трката за големата награда на Канада во Монтреал ќе остане во календарот на Формула 1 до 2035 година, откако се договори за четиригодишно продолжување на постојниот договор, соопшти Формула 1, објави агенцијата „Ројтерс“.
Гранпри-трката одржана во минатиот викенд на патеката „Жил Вилнев“ беше 54-то издание, откако првпат се појави во шампионатот на Формула 1 во 1967 година. Патеката во Монтреал, именувана по великанот на Ферари и татко на светскиот шампион од 1997 година, Жак Вилнев, стана постојан домаќин на трка во Формула 1 во 1978 година.
Претходното продолжување на договорот на трката беше до 2029 година, но две од тие години (2020 и 2021 година) беа за време на пандемијата на коронавирусот, кога трка во Формула 1 не се одржа и договорот беше продолжен до 2031 година.
Трката во Монтреал в година ќе се одржи порано од претходно, со нов термин на 24 мај, откако ќе се замени со Монако и ќе се усогласи поблиску со трката во Мајами, пишува „Ројтерс“. Н.М.