Фото: Маја Јаневска-Илиева

ТЕНИС

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа (30) триумфира на ИТФ-турнирот во Куршумлиска Бања (Србија), кој се играше на земјени терени. Во вчерашното финале, македонската претставничка беше подобра од Марта Матула од Грција со 2-6, 6-0, 6-4. Особено возбудливо и неизвесно беше во третиот сет, во кој Гркинката прва направи брејк и имаше водство со 2-0 во гемови, но Ѓорческа возврати со три гема во низа, а решавачкиот брејк го направи во деветтиот гем, за водство со 5-4.
Во полуфиналето, Ѓорческа ја победи претставничката на Казахстан, Зибак Куламбајева, со 2-1 во сетови (6-2, 2-6, 6-3). Триумфот на овој турнир во Србија ѝ донесе на Ѓорческа нови 16 бода и ќе ѝ донесе напредок на ВТА-листата, по што се очекува таа повторно да биде меѓу најдобрите 300 тенисерки во светот.
За Ѓорческа тоа е 13-та титула во поединечна конкуренција, а таа има и 47 освоени трофеи во двојки, според податоците на Интернационалната тениска федерација (ИТФ). Г.И.