Јосип Димитровски (2.211 рејтинг-поени, рангиран прв пред почетокот на турнирот) победи на вториот турнир во брз шах во рамките на шаховскиот фестивал „Незаборав за хероите 1941-1944“, кој во организација на ВШК Скопје 72 се одржа во просториите на ШК Алкалоид.
Со тоа тој стана ветерански првак на Скопје во брз шах (временско темпо од пет минути плус три секунди) за 2025 година. Меѓу 35 ветерани, од кои тројца ФИДЕ-мајстори (ФМ), Димитровски освои 10 поени од 11 партии (девет победи и две ремија, нови 24 рејтинг-поени со играчки перформанс од 2.338). Втор е ФМ Јани Богоевски (2.143, рангиран втор) со девет, а трет Атанас Ташевски (1.820, рангиран 25.) со 7,5 поени. Победникот на првиот турнир со забрзано темпо (15 минути, плус 10 секунди) на овој ветерански шаховски фестивал, ФМ Александар Кралевски (2.093, рангиран трет) е четврти со седум поени. Последниот и трет турнир, но со стандардно темпо (90 минути, плус 30 секунди по играч), ќе се одржи од 7 до 13 ноември во просториите на ШК Алкалоид.
– Турнирот изобилуваше со многу возбудливи партии, се играше борбено и фер, а салата беше преполна со љубители на шахот. Пред почетокот на турнирот учесниците и присутните гледачи со бурен аплауз го поздравија освојувањето на сребрениот медал на ШК Алкалоид на Европскиот клупски куп, кој неодамна заврши во Грција – изјави претседателот ВШК Скопје 72, Илија Стошевски. Г.И.