Фото: ЕПА

Кларк ги доби сите дуели на турнирот во Скопје со по 2-0 во сетови

ТЕНИС – „МАКЕДОНИЈА ОПЕН 2025“

Британец Џеј Кларк (26) е победник на годинашново издание на АТП челинџер-турнирот „Македонија опен 2025“, кој се одржа во Скопје, откако во финалето, кое траеше 84 минути, го победи квалификантот Нермин Фатиќ од БиХ со 6-2, 6-3. Кларк ги доби сите дуели со 2-0 во сетови, а притоа имаше победи против првиот носител Хуго Делиен од Боливија, лански победник на овој турнир, Австриецот Жоел Шварцлер и Аргентинецот Педро Качин.
И додека на централниот терен се играше финалето во поединечна конкуренција, на теренот број пет се играше финалето во двојки. Со пресврт до триумф по 82 минути игра стигнаа тенисерите од Чешка, Ендрју Полсон и Михаел Врбенски, кои со 2-6, 6-4 и 10-6 ги совладаа Индиецот Срирам Балаџи и Мексиканецот Мигуел Рејес-Варела. Поради дождот двата финални меча се играа на различни терени и доцнеа со почетокот речиси три часа, а и двата завршија приближно во исто време, кога повторно дождот беше присутен и беше пречка за да заврши церемонијата на доделување на медалите на најдобрите. Г.И.