АЛПСКО СКИЈАЊЕ – ФИС-ТРКА ВО АВСТРИЈА

Македонската скијачка и репрезентативка Јана Атанасовска (19), која неодамна настапи и на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д`Ампецо (Италија), на трките во Телфс (Австрија) во рамките на Интернационалната скијачка федерација (ФИС) оствари два одлични резултата во слалом во алпско скијање, во исклучително силна меѓународна конкуренција и со тоа уште еднаш го потврди својот квалитет на европската сцена, пишува Скијачката федерација на Македонија (СФМ).
Во втората слаломска трка, Атанасовска доминираше, го освои првото место и освои 24,09 ФИС-поени, што е нејзин најдобар резултат во досегашната кариера. Претходно, во првата трка, таа покажа сигурност и техничка прецизност освојувајќи го второто место, за 25,34 ФИС-поени.
– Овој успех е резултат на континуирана работа, дисциплина и јасна визија кон светскиот врв. Со вакви настапи, Атанасовска испраќа силна порака дека македонското алпско скијање незапирливо чекори напред кон најголемите светски успеси – пишува СФМ. Г.И.