Стевчо Јакимовски и ИМ Никола Николовски

Во конкуренција на импозантни 184 учесници, Николовски имаше ист број поени колку и искусниот велемајстор Кирил Георгиев, но го освои трофејот поради подобриот дополнителен критериум

ТУРНИР ВО ЗАБРЗАН ШАХ „КАРПОШ ОПЕН 2023“

Членот на Гамбит Асеко СЕЕ и репрезентативец, интернационалниот мајстор (ИМ) Никола Николовски (2.377 рејтинг-поени во забрзан шах) победи на деветтиот по ред шаховски викенд-турнир во забрзан шах (15 минути, плус пет секунди по секој потег, по играч) „Карпош опен 2023“, кој во организација на ШК „Гамбит Асеко СЕ“, а со финансиска поддршка од Општина Карпош, се одигра во Скопје, со награден фонд од 92.000 денари.
Во конкуренција на импозантни 184 учесници (седум велемајстори, пет интернационални мајстори и 14 ФИДЕ-мајстори) од пет шаховски федерации (Македонија, Србија, Грција, Бугарија и Косово), Николовски (рангиран шести пред турнирот), по девет кола (швајцарски систем), освои осум поени со седумте победи и двете ремија и освои нови 19 рејтинг-поени. Осум поени имаше и искусниот македонски ВМ Кирил Георгиев (2.616, рангиран прв), но поради подобриот дополнителен критериум прв е Николовски. Нивниот меѓусебен дуел заврши без победник. Третото место му припадна на Бугаринот Љубомир Данов (2.374, рангиран осми), со 7,5 поени.
Најуспешна шахистка е Бугарката Белослава Крастева (2.187, рангирана 21.), која со 6,5 поени го освои 16-то место со 6,5 поени, а најдобра Македонка е младата репрезентативка Моника Жежовска (1.492), која иако беше рангирана 108., го освои 30-то место со шест поени (шест победи и три порази), но освои дури 181,6 рејтинг-поен.
– Многу ме радува фактот што на турнирот гледам и многу момчиња и девојчиња, а тоа секако кажува дека шахот има иднина во Македонија. Искрено се надевам дека за десет и повеќе години ќе имаме познато шаховско име што ќе нѐ прослави надвор од границите на Македонија. Годинава немаме сила да го подготвиме класичниот турнир „Карпош опен“, но ви ветувам дека в година ќе се случи тоа и со тоа ќе ги поддржиме овие млади шахисти, кои одбрале вистинска игра, забава и спорт, со кои ќе се развиваат и ќе ги истакнат своите способности – изјави пред почетокот на турнирот градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Г.И.


Николовски: Тренингот и времето вложено во шахот вредат

Ова беше одличен турнир, со неизвесна борба до самиот крај. Цело време беше неизвесна трката за првото место со искусниот велемајстор Кирил Георгиев. Нашата партија заврши со реми по околу 200 одиграни потези, во т.н. „тврдина“, каде што со топ и со ловец против кралица успеав да одржам реми. Многу сум задоволен од мојата игра, бидејќи ова ми покажа дека тренингот и времето вложено во шахот вредат, ни изјави Никола Николовски.